„Таа пишува“ – нова поетска книга на Санде Стојчевски

Излезе од печат книгата „Таа пишува“ на македонскиот поет, критичар, есеист и антологичар Санде Стојчевски, во издание на Здружението за уметност „Дијалог“ од Скопје.
Станува збор за критичко-есеистичка книга во која авторот се фокусира на делата на триесетина домашни и светски писателки кои со своите остварувања оставиле впечатливи траги во развојните процеси на литературата.
-Македонскиот литертурен критичар и есеист Санде Стојчевски посветува посебно внимание на литературните дела на нашите авторки, и многу пошироко, на писателки од нашите соседни, но и од подалечните литератури и култури, уште од неговите најрани критичарски објави, па сè до денес. Тоа може да се види и од составот на неговата најнова книга со карактеристичен наслов „Таа пишува“. Ова дело се отвора со мото, всушност со визионерска мисла на Артур Рембо дека ќе дојде време кога жената ќе се ослободи од туторството во општеството и дека ќе нè израдува со многубројни врвни книжевни дела. За среќа, денес тоа се случува, современите авторки од сите меридијани секоја година објавуваат нови успешни дела, добиваат награди, учествуваат на симпозиуми, даваат значаен придонес во книжевната наука, членуваат во жирија, се вели во рецензијата на поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски.
Тој додава дека во првиот есеј Стојчевски се осврнува на трагичното неразбирање за значењето на женското творештво, и воопшто, за неговото место во општеството, и тоа од страна на провозгласените имиња во литературата, филозофијата, науката.
-Изненадуваат ставовите на Шопенхауер, на Бодлер, на уште десетина крупни имиња во уметноста и во науката кои местото на жената го гледаат единствено во куќата, во домашните работи, во одгледување на потомството. Во овој есеј Стојчевски енергично застанува на страната на женската креативност, на нејзините права да ги покаже и да ги потврди способностите во сите области на животот и творештвото. Особено е забележлив текстот посветен на Дафина од Просеник, бидејќи нејзиниот потфат е изведен во крајно неповолни услови на Османската Империја, податок кој во уште поголема мера му дава на значење на нејзиното ангажирање во зачувувањето на македонското усно народно творештво. Критиките и есеите од кои е компонирана најновата книга на Стојчевски се карактеризираат со неговиот препознатлив есеистички, динамичен, разговрен пристап и сликовит стил, подвлекува рецензентот Бранко Цветкоски.
Санде Стојчевски е поет, литературен критичар, есеист, антологичар, полемичар и преведувач. Автор е на дваесет поетски збирки, како и на деветнаесет книги со поетички текстови, есеи, критики и полемики. Објавени се и неколку избори од неговата поезија и есеистика во Македонија, потоа избрани дела во шест тома, како и петнаесет поетски избори на странски јазици. Составил девет антологии на македонската поезија и критика. Добитник е на сите позначајни домашните награди за поезија и за критика во РСМ и на неколку меѓународни награди за поезија. Носител е и на државната награда за животно дело „Св. Климент Охридски“, како и на наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ.