Таа беше талентирана, таа беше сигурен пријател: Светлана Бојковиќ за Снежана Стамеска


Фото: Б. Грданоски

На денешната комеморација во Драмски театар, од актерката, првенка Снежана Стамеска, која почина на 8 септември, на 79 години, се прости и легендата на југословенското и српско глумиште Светлана Бојковиќ. Нејзиното последно збогум до пријателката и колешка, денес, на сцената во Драмски го прочита актерот Дејан Лилиќ. 

Фото: Б. Грданоски

„Снежана ни се придружи на трета година на студии по глума на Факултетот за драмски уметности, бидејќи пред тоа паузираше од студирањето. Заедно дипломиравме на малата сцена на Ателје 212 во Белград со претставата „Вештерки од Салем“ од Артур Милер, во режија на нашиот професор Предраг Бајчетиќ во 1970 година.

Се сеќавам дека во тоа време секогаш имав впечаток дека Снешка е позрела од сите нас и во актерството и во животот. И денес мислам дека не згрешив, бидејќи сите бевме комотно сместени овде со своите, и едвај ја прашавме каде и како живее, ниту пак зборуваше за тоа.

Причината за тоа беа нашите младешки себични години, во кои сите бевме преокупирани

само една тема – како да станете подобри и вистински актери. Сите други животни теми ни побегнаа.

Снежана отсекогаш била непоколеблива, силна и храбра и што е многу важно – ТАЛЕНТИРАНА!

Таа беше сигурен пријател.

И како што се случува во животот, по завршувањето на студиите, сите се растеравме по разни театри, а Снешка се врати во Скопје. Знам дека направи убава и уметнички богата кариера, која нејзината дарба ја заслужи.

По неколку години се запознавме како зрели актерки и мајки на ќерки и имавме прекрасен разговор за актерството, а овојпат и за животот, бидејќи веќе имавме сериозно животно искуство зад нас. И после таа средба се потврди мојот прв впечаток за Снешка.

Веќе не с е сретнавме, тоа беше одамна…

Веста за нејзиното заминување длабоко ме растажи. Иако не се видовме, родени во една земја која повеќе не постои и влеговме во третата доба од животот во различни земји, тоа препознавање и блискост останува засекогаш.

Мир на душата и слава ти,  драга Снешка“.

 

Светлана Бојковиќ