СЗО: Забраните за меѓународни патувања не може да останат на сила


 

Забраните за меѓународни патувања не може да останат на сила во недоглед и земјите ќе мора да направат нешто повеќе за да го намалат ширењето на корона вирусот внатре во своите граници, соопшти денеска Светската здравствена организација.

Само со строго придржување на здравствните мерки, од носење маски до избегнување метеж, светот ќе успее да ја победи пандемијата од Ковид-19, изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус, на вируелниот брифинг во Женева, пренесе Ројтерс.

– Онаму каде се почитуваат овие мерки, бројот на случаи се намалува, а таму каде што тие не се почитуваат, бројот на случаи се зголемува, рече Тедрос.

Началникот на секторите за вонредни ситуации при СЗО Мајк Рајан изјави дека е невозможно земјите да ги држат границите затворени во догледна иднина.

„Ќе биде речиси невозможно за некои држави во догледна иднина да ги држат затворени границите. Економијата мора да се отвори, луѓето мора да работат, трговијата мора да продолжи“, порача тој.

Според него, јасно е дека кога ќе се воспостави притисок на вирусот, бројките паѓаат, а кога ќе се попушти, случаите растат.

Според него ситуацијата во Шпанија не е ни приближно така лоша како што била на врвот на пандемијата и дека очекува жариштата да се стават под конторла, иако ќе бидат потребни повеќе денови или недели да се воочи тоа.