СЗО: За првиот милион заразени требаа три месеци, последниот милион за само осум дена


Пандемијата на коронавирус продолжува да се забрзува во светот, при што последните милион заразени лица се пријавени за само осум дена, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус.

– Знаеме дека пандемијата е многу повеќе од здравствена криза, тоа е економска, социјална и во многу земји политичка криза. Нејзините последици ќе се чувствуваат со децении, додаде тој на виртуелната конференција, организирана од Дубаи.

Предупредувањето на шефот на СЗО доаѓа откако многу земји влегоа во фаза на укинување на мерките со цел да се забрза економијата.

Беа потребни повеќе од три месеци да се регистрира првиот милион заразени луѓе, а за последниот милион за само осум дена, рече шефот на СЗО.

Тој, исто така, ги повика владите да се подготват за можни идни пандемии што можат да се појават „во која било земја во кое било време и може да убијат милиони луѓе затоа што не сме подготвени“.

– Не знаеме каде или кога ќе се случи следната пандемија, но знаеме дека ќе има ужасни последици по животот и светската економија, рече шефот на СЗО.

Во пандемијата на коронавирусот, од нејзиното појавување во декември па досега, во светот починаа најмалку 465.300 луѓе.