СЗО: Вакцината сама по себе нема да ја запре пандемијата


Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус денеска рече дека вакцината сама по себе нема да ја запре пандемијата на корона вирусот.

По избувнувањето на пандемијата, повеќе од 54 милиони луѓе се заразени, а повеќе од 1,3 милиони починаа.

– Вакцината ќе ги надополни другите алатки што ги имаме, нема да ги замени. Вакцината сама по себе нема да стави крај на пандемијата, рече извршниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус. 

Податоците на СЗО од саботата покажуваат дека 660.905 случаи на корона вирус се пријавени во здравствената агенција на ООН, што претставува нов скок во негативната статистика.

Гебрејесус рече дека првичното снабдување со вакцината ќе биде ограничено, при што „здравствените работници, старите лица и другите ризични популации се приоритет.“

– Се надеваме дека ова ќе го намали бројот на смртни случаи и ќе им овозможи на здравствените системи да се справат, рече Гебрејесус.

Но, тој предупреди: „Ова сепак ќе остави многу простор за вирусот. Надзорот ќе мора да продолжи, луѓето ќе мора да бидат тестирани, изолирани и згрижени, контактите сепак ќе треба да се следат“.