СЗО/УНИЦЕФ: Лоша хигиена во болниците е закана за 1,8 милијарди луѓе во светот


Швајцарија –  Во една од четири здравствени установи во светот нема редовен пристап до чиста вода. Како резултат на тоа, околу 1,8 милијарди луѓе се изложени на зголемен ризик од инфекција со коронавирус и други инфекции, според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ), објавен денеска во Женева.

„Околу 1,8 милијарди луѓе се изложени на зголемен ризик од заразување со Ковид-19 и други болести бидејќи користат или работат во здравствени установи што немаат основни услуги за вода“, се вели во извештајот.

„Водата, канализацијата и хигиената се од витално значење за безбедноста на здравствените работници и пациентите, но не секогаш на тие услуги им се дава приоритет“, велат СЗО и УНИЦЕФ.

Најтешки се состојбите во 47-те најмалку развиени земји во светот.

СЗО и УНИЦЕФ се залагаат за поголеми инвестиции во вода, санитарни услови и хигиена, нагласувајќи дека тие услуги се особено важни за ранливото население, особено бремените жени и децата.

Авторите на извештајот проценуваат дека решавањето на проблемот со водата во болниците и здравствените центри во најмалку развиените земји бара инвестиција од само еден долар по глава на жител во тие земји.