СЗО шокирано: Катастрофален морален пад со  дистрибуцијата на вакцините


Тедрос Аданом Гебрејесус е кандидат за генерален дирекотр на СЗО

Светот е на праг на катастрофален морален пад со дистрибуцијата на вакцини против Ковид-19, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус. Тој ги повика државите и производителите поправедно да дистрибуираат вакцини низ целиот свет.

– Не само што овој пристап – „прво јас“ ги загрозува најсиромашните и најранливите, тој е и самоуништувачки, рече Тедрос на отворањето на годишниот состанок на Извршниот одбор на СЗО во Женева.

Како што истакна, на крајот, таквите постапки само ќе ја продолжат пандемијата.

Како потврда дојде веста од Велика Британија дека во таа земја се вакцинираат 140 луѓе само во една минута,  додека некои земји се уште немаат видено како изгледа вакцината. Овој факт го соопшти Надим Захави, министер одговорен за дистрибуција на вакцини.Најновите податоци покажуваат дека Велика Британија вакцинирала 3.857.266 лица со првата доза и 449.736 со втората доза.

– Оди добро, вакцинираме просечно 140 луѓе, ова е прва доза, буквално во минута. Тоа е просек, но во некои области е подобро.Ќе го видите ова подобрување откако ќе отвориме повеќе големи центри за вакцинација, вкупно 17 оваа недела и 50 до крајот на месецот, нагласи министерот.

Според него, во некои области повеќето од Британците постари од 80 години се вакцинирани, а потоа следат оние над 70 години со болести.

Захави исто така рече дека пилот-проект за 24-часовно вакцинирање ќе почне во Лондон на крајот на месецот. Наставници, полицајци и продавачи може да бидат следни кои ќе бидат вакцинирани по тие над 50 години.

Велика Британија во моментов ги вакцинира оние во домовите за стари лица и оние над 80-годишна возраст.