СЗО: Рекорден број новозаразени во светот за една недела


Бројот на нови случаи на корона вирус во светот минатата недела се зголеми за повеќе од 3,6 милиони, што е најголем број за една недела од почетокот на пандемијата, соопшти Светската здравствена организација.

Бројот на смртни случаи во тој период се зголеми за 54.000, што е за 9.000 повеќе отколку во претходната недела, пренесува агенцијата ТАСС.

Во соопштението се прецизира дека минатата недела бројот на новозаболени лица во светот бил поголем за осум проценти во споредба со претходната недела.

Повеќе од половина, 54 проценти од новите случаи биле пријавени во Европа, како и 47 проценти од смртните случаи.

Претходниот рекорден број на новозаразени лица во светот на неделно ниво беше забележан во неделата од 26 октомври до 1 ноември, кога беа заразени 3,3 милиони луѓе.

Според СЗО, заклучно со 8 ноември, околу 49,7 милиони луѓе биле заразени во светот, а 1,2 милиони починале.