СЗО предупредува: Не опуштајте се, втор пик во првиот бран може да се случи во секое време


Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека можен е втор пик во рамките на првиот бран од пандемијата со Ковид-19, ако рестриктивните мерки бидат ублажени или укинати прерано.

Извршниот директор на програмата за итни случаи во СЗО, д-р Мајк Рајан, на вчерашниот брифинг рече дека светот е „точно среде првиот бран“ од пандемијата.
Тој нагласи дека со оглед на тоа дека болеста уште е активно присутна, земјите треба да бидат свесни дека ситуацијата може да ескалира во секое време.

„Не може да се водиме по претпоставки дека ако бројките сега одат надолу, ќе продолжат да одат надолу и ќе имаме неколку месеци да се подготвиме за вториот бран. Можно е да има втор пик во првиот бран“, предупреди д-р Рајан.

Ваквото остро предупредување следи откако земјите ширум светот почнаа со постепено ублажување и укинување на рестриктивните мерки, дозволувајќи отворање на продавници и групирање на луѓе.

Експертите велат дека без вакцина што ќе им даде имунитет на луѓето, можно е пак да порасне бројот на заразени откако ќе се олабават мерките за задолжително социјално дистанцирање.

Д-р Рајан вели дека земјите во кои има пад на бројот на новозаразени, треба да го искористат овој период за да смислат ефикасни режими за следење на контактите и тетсирање за да се осигураат дека ќе продолжи надолната траекторија и нема веднаш да се случи втор пик.