СЗО подготвува извештај за пациентите кои повторно се позитивни на корона вирус


Светската здравствена организација ги разгледува наводите дека некои пациенти, за кои се сметаше дека го прележале корона вирусот, повторно се позитивни на тестовите за тој вирус.
„Свесни сме за извештаите за поединци кои биле негативни на ковид-19, со користење на тестот на реакција за верижно размножување, а по неколку дена повторно биле позитивни“, се наведува во соопштението од СЗО.
Јужнокорејските власти во петокот соопштија дека 91 пациент, за кои се сметало дека се излечени, повторно се позитивни.
Тие сметаат дека е поверојатно дека вирусот е реактивиран.
СЗО предупредува дека пациент не смее да биде пуштен од болница, ако резултатите од корона вирусот два пати не се негативни во рок од 24 часа.
Повеќе од 1,7 милиони луѓе се заразени од корона вирусот во светот, 103.506 луѓе починаа, а 382.943 се излечени, покажуваат податоците од страницата Worldometer.