СЗО: Под итно мора да ја истражиме опасната болест што ги напаѓа децата


 

Светската здравствена организација денеска предупредува на болеста што ги напаѓа децата, а е слична на Кавасаки, затоа што постои можност да е поврзана со новиот корона вирус.

„Под итно и многу внимателно мора да го истражиме необјаснивиот синдром на повеќекратни воспаленија кои ги погаѓаат децата“, рече денеска шефот на СЗО Теодрос Гебрејесус.

„Ги повикувам лекарите ширум светот да соработуваат со националните власти и СЗО и да бидат внимателни и подобро да го истражат овој синдром кој се појавува кај децата“, рече тој.

Стотина случаи со реткиот синдром се забележани во САД и Европа, со неколку смртни случаи.

Така, момче на деветгодишна возраст, позитивен на корона вирус, почина во саботата во франција од реткиот синдром сличен на Кавасаки болеста.

Детето доживеало срцев удар, по што било во болница, но во саботата почина од невролошки повреди за време на ударот.

Во април директорот на француската Национална здравствена агенција Ером Салмон, рече дека француските власти се добро запознати со реткото заболување кое потсетува на кавасаки, а симптомите му се повеќе воспаленија, отоци, осип и срцев удар.

Денеска Си-ен-ен објави дека во Франција до сега 135 деца ја развиле оваа болест, но дека ова е прв смртен случај.

Во Британија се проценува дека 75 до 100 деца се заболени од ретката болест која се поврзува со Ковид-19.

Дете на возраст од 12 години во Лондон почина од повеќекратен воспалителен синдорм кој потсетува на Кавасаки, а слични случаи се забележани во САД и други делови на Европа.

Кавасаки е релативно ретка акутна детска болест. Се карактеризира со воспаление на крвните садови што може да доведе до намален доток на крв во срцето. Обично може да се излечи, а децата се опоравуваат без проблем, но може да биде и смртоносна.