СЗО отвора центар за рано предупредување за пандемија


Швајцарија– Светската здравствена организација денеска во Берлин ќе отвори центар за рано предупредување за пандемија, со цел борба против идни евентуални пандемии.

Новиот глобален центар на СЗО за пандемиски и епидемиски податоци (Hub for Pandemic and Epidemic Intelligence) „ќе ги собере партнерите од целиот свет за да соработуваат и ќе создадат податоци и алатки кои им се потребни на сите земји за да се подготват, откријат и да одговорат на пандемиски и епидемиски ризици“, нагласи СЗО.

Центарот ќе го отворат првиот човек на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус и германската канцеларка Ангела Меркел.

Здравствените експерти веруваат дека по Ковид-19, појавата на нова пандемија е само прашање на време и затоа предупредувачките знаци мора систематски да се следат со цел ран и силен одговор.

Кога беше донесена одлуката за основање на центарот во мај, Меркел рече дека „податоците се важна основа за борба против идните пандемии“.