СЗО: Нема нови мутации на коронавирусот во Кина


 

Ниту една нова варијанта на коронавирусот досега не е пронајдена во Кина, според податоците објавени од Светската здравствена организација (СЗО) во средата, со што се намалуваат некои од грижите за инфекцијата што брзо се шири во Кина откако Пекинг стави крај на „нулта ковид“ пристапот кон пандемијата.

Мнозинството жители на Кина, 97,5 отсто од нив, се заразени со омикронските подваријанти BA.5.2 и BF.7, објави СЗО. Тие податоци се засноваат на анализа на повеќе од 2.000 геноми на кинескиот центар за контрола и превенција на болести.

СЗО објави дека овие податоци се конзистентни со секвенционирањето на геномите на патниците од Кина што другите земји го испратиле до глобалната база на податоци и дека не е забележана нова мутација или мутација на познати соеви во јавно достапните информации за секвенционирање.

СЗО ги објави податоците доставени од Кинескиот центар еден ден откако неговите претставници се сретнаа со кинеските научници, во време кога остатокот од светот се сомнева во точноста на кинеските извештаи за ширење на инфекцијата што ги преполни кинеските болници.

Официјалниот весник на кинеската Комунистичка партија се обиде да ги смири граѓаните, прогласувајќи „конечна победа“ над коронавирусот и отфрлајќи ги критиките за строгите мерки за изолација што предизвикаа ретки протести во Кина минатата година.

Здравствените власти ширум светот, во меѓувреме, се борат да го утврдат точниот степен на епидемијата во Кина и како да го запрат нејзиното ширење. Повеќе земји воведуваат мерки како што се тестирање на патници кои пристигнуваат од Кина, што Пекинг го критикуваше.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на прес-конференција рече дека организацијата продолжува да бара од Кина побрзи и поредовни податоци за хоспитализирањата и смртните случаи.