СЗО: Најрано за една година можеме да очекуваме вакцина против Ковид-19


Портпаролката на Светска здравствена организација, Маргарет Харис денеска изјави дека вакцина против Ковид-19 ќе биде произведена за околу 12 месеци.

– Ние оценуваме дека ќе биде произведена за најмалку 12 месеци. Навистина не можеме да очекуваме да добиеме вакцина пред 12 месеци или дури и подолго, потенцира Харис.

Таа додаде дека развивањето на вакцина бара „концептуален доказ“ за нејзината ефикасност, како и докази за безопасност на пациентите.

– Треба да бидеме сигурни дека вакцината нема негативни и несакани ефекти, туку и долгорочни ефекти. Покрај тоа во исто време треба да се испита и имуниот профил и да поминат неколку етапи за проучување на безопасноста на вакцината, потенцира Харис.

Таа истакна и дека во Италија и во Шпанија има „мало намалување“ на бројот  на новозаразени, додека во Турција и во Велика Британија забележан е раст на заболените од новиот коронавирус.

– Се уште не сме го достигнале врвот на пандемијата, истакна портпаролката на СЗО.