СЗО ја активираше мрежата од екипи на Итна медицинска помош во Турција и Сирија


Светската здравствена организација ја активираше својата мрежа на екипи за Итна медицинска помош во Турција и Сирија за да им помогне на погодените од земјотресот, соопшти на Твитер генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

-Тимовите ќе им пружаат основна здравствена заштита на повредените и најзагрозените лица погодени од земјотресот, изјави Тедрос пренесен од Си-Ен-Ен.

Рик Бренан, регионален директор на СЗО за итни случаи за Источен Медитеран, за британските меиудми изјави дека Светската здравствена организација очекува значителен скок на бројот на жртви од земјотресот и последователните потреси.

-Голем број згради се урнаа и ќе има значително зголемување (на бројот на жртви) околу епицентарот на земјотресот, рече Бренан.

Зборувајќи за напорите на спасувачките екипи да стигнат до преживеаните, тој изјави дека спасувачките напори биле отежнати по последователните потреси.

-На спасувачките тимови им е потешко да влезат за да ги извлечат луѓето, рече тој.

Бренан додаде дека зградите што претрпеле оштетувања, но останале функционални, може да се урнат во последователен потрес.

Речиси 1.800 лица загинаа во Турција и Сирија, а илјадници други се повредени во разорниот земјотрес што ја погоди јужна Турција, во близина на границата со Сирија.