СЗО: Епидемиолошката ситуација во Европа е многу загрижувачка
Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа денеска оцени дека ситуацијата на континентот во однос на пандемијата на коронавирус е причина за „голема загриженост“.
Поради зголемениот број на дневни случаи на Ковид-19 пријавени низ цела Европа, државите, вклучувајќи ги Германија, Велика Британија, Холандија и Шпанија започнаа да воведуваат дополнителни мерки за да го забават вториот бран на пандемијата и да се обидат да го намалат нејзиното влијание.
Дваесет и седум земји-членки на Европската унија и Велика Британија евидентираат во просек по 78 000 случаи дневно, во периодот од 5 до 12 октомври, или 152 случаи за секој милион жители. САД бележат 49.000 дневно во просек за истиот период, околу 150 за секој милион жители, објави денеска Волстрит џурнал.
Тоа е првпат Европа да ги надмине САД од врвот на вирусот во пролетта, кога болеста се ширеше во голема мера неоткриена поради ограничениот капацитет за тестирање на земјите. Европа сега достигна критична маса на нови случаи слични на оние со кои САД се соочија кон крајот на јуни кога бројот на заразени вртоглаво се зголеми од Флорида до Калифорнија, посочува весникот.