СВП: Поетски портрети за Влада Урошевиќ и за Зоран Анчевски


Вчерашниот, втор ден од најстариот светски поетски фестивал со континуитет, „Струшки вечери на поезијата” содржеше низа настани посветени на поетите и на суштината на нивното творење.

Денот почна со Поетскиот портрет посветен на истакнатиот македонски поет, преведувач и универзитетски професор Зоран Анчевски, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци” за стихозбирката „Небесна пантомима” како најдобра поетска книга објавена на македонски јазик помеѓу два фестивали. За неговото дело говореше Оливера Ќорвезировска.

„…станува збор за автор, за поет кој ја кали песната и не ја објавува недокалена. Ако во постарите збирки, па и во новата, беше во постојана потрага по вистинската придавка за песна, за личната песна над песните (сериозна, ангажирана, силна, писмена, чиста, жива, совршена…), можеби токму сега е вистинскиот момент да му ја потшепнеме можната придавка калена. Зоран Анчевски е поет на калена песна”, порача таа.

Веднаш по Поетскиот портрет на Анчевски, настан на кој авторот ги читаше своите песни на македонски и авторскиот препев на англиски, се одржа промоцијата, односно поетското читање, за петтемина номинирани за годинашната награда „Браќа Миладиновци”. Тоа се (по азбучен ред):  Митко Гогов, Јовица Ивановски, Наташа Сарџоска, Билјана Стојановска и Катица Ќулафкова..

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата” (СВП) во рамките на добрата соработка со Агенцијата за иселеништво, вчера го организираше и прогласувањето на наградата „Стојан Христов”, што ја доделува Агенцијата во соработка со фестивалот.

Според одлуката на жирито, наградата ја доби Сузана Ѓорушевска од Гетеборг, Шведска, за нејзината збирка гребнатини на душата.

Во набиената денешна агенда на Струшки вечери на поезијата се оствари и плодната дебата во симпозиумот на тема „„Исток/Запад: Балкан/Европа”, на кој покрај годинашната добитничка на највисоката фестивалска награда „Златен венец”, Ана Бландијана, за поезијата и отпорт, за војната и борбата и одбраната со стихови зборуваа и Елизабета Шелева, Дамир Шодан, Фарух Шехиќ и Зoран Карановиќ.

Потоа во хотелот „Дрим” се одржа настанот„Пирот, поет, скитник”, со Емануел Рембер, директор на Францускиот институт во Скопје.

Синоќа, на истекот на реката Црн Дрим, се одржа настанот „Поетски портрет на Влада Урошевиќ”, а еден час подоцна почна и презентацијата на тематската антологија „Арката на Ное”, односно голема збирка песни од македонски поети за животните, приредени од професорот Иван Џепаровски.