Свлечиште го однесе патот за Старавина кај депонијата Мегленци во Мариово


Свлечиштетот кај Старавина

 

Големо свлечиште на земјиштето го оштети патот за селото Старавина, битолскиот дел на Мариово. Пропаѓањето на коловозот е во должина од 100 метри и длабочина од десет метри. 

Патот е во прекин во двете насоки.

Лизгањето на земјиштето се случило ноќта меѓу 22 и 23 декември по полноќ, кога Државниот инспкеторат за патишта добил известување дека патот е во прекин, а нема друг алтернативен пат.

Камиони и машинерија на РЕК „Битола“ и ЈП за Одржување и заштита на магистрални и регионални патишта во текот на ноќта рамнеа и тампонираа алтернативен пат по кој би можело да се одвива сообраќајот.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Битола, пак известува дека од РЕК „Битола“ добиле информација во која се наведува дека регионалниот пат -делница Битола-Новаци-Маково на влезот од депонијата Мегленци е во целосен прекин како последица од појава на свлечиште кое што било пријавено уште на 27 ноември годинава и тогаш бил извршен увид од Градежниот факултет во Скопје.

„Благодарение на координативните активности на сите вклучени страни со екипи, камиони и тешка механизација на РЕК ‘Битола’ и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта кои се ангажирани за рамнење и тампонирање, веќе е при крај изградбата на земјена девијација во должина од 400–500 метри за движење, при што сообраќајот не е веќе во прекин и истиот се одвива отежнато. На терен е поставена соодветна привремена сообраќајна сигнализација. На сите учесници во сообраќајот им се препорачува крајна внимателност“, објави градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски. (А.Б.)