„Свисмедик“: Нема врска меѓу вакцината и смртта на лицето од Луцерн


Нема каузална врска меѓу смртта на 91-годишното лице од Луцерн и вакцината што ја примило против Ковид-19, соопшти денеска швајцарскиот институт за лекови „Свисмедик“, додавајќи дека починатото лице имало  повеќе болести.

Истрагата спроведена од кантоналните здравствени власти на Луцерн и „Свисмедик“ утврдиле дека веројатно нема врска меѓу смртта и вакцината против Ковид-19, се наведува во соопштението на „Свисмедик“, пренесено од британските медиуми.

Во швајцарскиот кантон Луцерн вчера почина лице кое само пред неколку дена било вакцинирано против коронавирусот.

Надлежната Дирекција за здравство ја потврди смртта на лицето кое било вакцинирано, но, според претходното пишување на веб-страницата „зејтпункт“, не е утврдено дали постои поврзаност помеѓу вакцината и причината за смртта.

Според швајцарските медиуми, станува збор за лице кое починало вчера, а било вакцинирано на 24 декември во институција за лица со деменција.