Свежи гробови на стотици загинати „вагнеровци“ во Сибир
Повеќе од 200 свежо ископани гробови со ознаки на руската платеничка група „Вагнер“ се лоцирани на гробишта во третиот по големина руски град Новосибирск, објави во вторникот сибирскиот информативен сајт „Тајга.инфо“.
Венци на „Вагнер“ може да се видат веднаш до повеќето гробници на снимката што ја сподели медиумот.
Годините на смртта на надгробните плочи се движат од крајот на 2022 година до почетокот на 2023 година, при што повеќето од загинатите потекнуваат од регионите Новосибирск и Краснојарск, како и од другите соседни региони.
„Тајга.инфо“ вели дека многу од имињата напишанина гробовите претходно не биле видени во официјалните списоци на загинатите во војната во Русија.
Не се објавени официјални податоци за бројот на убиените борци на „Вагнер“ во Украина. Се верува дека илјадници платеници на групата, вклучително и оние кои биле регрутирани од руските затвори, биле убиени на фронтот.
Некои од имињата на надгробните плочи во Новосибирск се совпаѓаат со имињата на осудените престапници со долги затворски казни.
На почетокот на овој месец, шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин беше снимен како посетува гробишта каде што се закопани борците на групата, каде што призна дека гробиштата „растат“.
„Оние кои се борат понекогаш умираат. Така функционира животот“, рече тој.
Претходните извештаи на почетокот на овој месец велат дека роднините на загинатите војници не биле известени за нивната смрт и дека останале без исплати за осигурување.
Независните медиуми минатата недела објавија дека казнените колонии во приближно половина од руските региони „изгубиле“ повеќе од 17.000 затвореници во 2022 година – веројатно поради регрутирањето на „Вагнер“. Бројката на национално ниво е веројатно многу поголема.