Светските лидери на пат за Лондон за погребот на кралицата Елизабета Втора
Денеска ќе биде затворена редицата долга осум километри на граѓани кои чекаат и до 17 часа за да поминат покрај ковчегот на кралицата
Илјадници полицајци, стотици војници и армија функционери ги направија последните подготовки во неделата за државниот погреб на кралицата Елизабета Втора – спектакуларен приказ на национална жалост што ќе биде и најголемиот собир на светските лидери многу години наназад.
Американскиот претседател Џо Бајден и други државници пристигнуваат во Лондон на погребот, на кој се поканети околу 500 членови на кралски семејства, шефови на држави и влади од целиот свет.
Илјадници луѓе продолжија да се редат деноноќно за да поминат покрај ковчегот на кралицата додека тој лежи во Вестминстерската сала на парламентот, храбро издржувајќи ги студените температури во текот на ноќта и чекањето до 17 часа. Осумте внуци на кралицата, предводени од престолонаследникот принцот Вилијам, кружеа околу ковчегот и стоеја со наведнати глави за време на тивкото бдение во саботата навечер.
Редицата долга неколку километри се очекува да биде затворена за новите пристигнувања подоцна во недела, за сите во редот да можат да поминат покрај ковчегот пред понеделник наутро, кога ќе биде пренесен на кочија до Вестминстерската опатија за погребот на кралицата.
Луѓето ширум Велика Британија треба да застанат во недела навечер со едноминутно молчење низ целата земја во знак на сеќавање на кралицата, која почина на 8 септември на 96-годишна возраст по 70 години на тронот. Понеделник е прогласен за државен празник, а погребот ќе биде емитуван на огромна телевизиска публика и ќе биде прикажан пред толпата во парковите и јавните простори низ целата земја.
Илјадници полицајци од целата земја ќе бидат на должност како дел од најголемата еднодневна полициска операција во историјата на Лондон.
Камила, новата кралица придружничка, ѝ оддаде почит на Елизабета Втора во видео-порака, велејќи дека монархот „ја издлаби сопствената улога“ како „осамена жена“ на светската сцена во која доминираат мажи.
„Секогаш ќе ја паметам нејзината насмевка. Таа насмевка е незаборавна“, вели Камила, која е мажена за кралот Чарлс Трети.
Плима луѓе продолжија да се слеваат во Вестминстерската сала на парламентот, каде што лежи ковчегот на кралицата, обвиен во нејзиното кралско знаме на кој има круна обложена со дијаманти. Бројот на ожалостени постојано расте откако јавноста прв пат присуствуваше во средата, со редица што се протега на најмалку осум километри покрај реката Темза и до паркот Саутварк на југоисточниот дел на градот.

Во чест на нивното трпение, Чарлс и Вилијам дојдоа во ненајавена посета во саботата за да ги поздрават луѓето во редот, да се ракуваат и да им се заблагодарат на ожалостените во редот во близина на мостот Ламбет.
Подоцна, сите внуци на кралицата застанаа покрај нејзиниот ковчег. На Вилијам и принцот Хари, синовите на Чарлс, им се придружија децата на принцезата Ана, Зара Тиндал и Питер Филипс; ќерките на принцот Ендру, принцезата Беатрис и принцезата Евгенија; и двете деца на принцот Едвард – Лејди Луиз Виндзор и Џејмс, Виконт Северн.
Вилијам стоеше со наведната глава на чело на ковчегот и Хари зад него. И двајцата принца, кои се воени ветерани, беа во униформа.
По богослужбата во понеделник во опатијата, ковчегот на покојната кралица ќе биде пренесен низ историското срце на Лондон на кочија влечени од коњи. Потоа ќе биде однесено со погребна кола во Виндзор, каде што кралицата ќе биде погребана заедно со нејзиниот покоен сопруг, принцот Филип, кој почина минатата година. (АП)