Светските лидери ги осудија експлозиите во Шри Ланка

Светските лидери жестоко ги осудија денешните експлозии во три цркви и три хотели на Шри Ланка, во кои според последните податоци загинаа најмалку 187 лица, а над 400 други се ранети.

Индискиот премиер Нарендра Моди оцени дека во регионот на јужна Азија „нема место за вакво варварство“.

– Индија изразува солидарност со народот на Шри Ланка. Моите мисли се со ужалените семејства, а моите молитви со повредените, објави Моди на Твитер.

Индиската министерка за надворешни работи Сушма Свараџ изјави дека е во постојан контакт со амбасадорот на Индија во Коломбо, нагласувајќи дека Амбасадата ќе им ја понуди сета можна помош на Индијците погодени од инцидентот.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани жестоко ги осуди експлозиите, нагласувајќи дека нападите врз верници се ужасна работа.

– Авганистан е солидарен со Шри Ланка на овој тажен ден, нагласи Гани.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека со „ужас и жалост“ ја примил веста за нападите на Шри Ланка.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер упати телеграма со сочувства до неговиот колега од Шри Ланка, Маитрипала Сирисена, истакнувајќи дека „вџашен од кукавичките терористички напади“.

Портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, Штефан Зајберт нагласи дека Германија е „ужасната од веста дека христијани на Шри Ланка беа нападнати и убиени за време на велигденската миса“.

– Ги оплакуваме и се молиме за жртвите и за членовите на нивните семејства. Не смее да им се дозволи на тероризмот, верската омраза и нетолеранцијата да победат, објави Зајберт на Твитер.

Австрискиот претседател Александер ван дер Белен, канцеларот Себастијан Курц и шефицата на дипломатијата Карин Кнајсел ги осудија нападите на Шри Ланка, оценувајќи дека се работи за „стравотен варварски чин“.

– Длабоко сум потресен и загрижен поради подмолниот терористички напад врз повеќе цркви и хотели на Шри Ланка, објави Курц на Твитер, истакнувајќи дека екстремистите сакале „намерно да нападнат христијани на Велигден“.

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу оцени дека без разлика на мотивите, експлозиите се „кукавички, варварски и ладнокрвен чин“, исто како и нападите врз џамиите на Нов Зеланд минатиот месец.

– Тероризмот нема религија, нема нација, нема географија, напиша Чавушоглу на Твитер.