Светските критичари: „Врба“ беше најинтересниот филм во Рим


По светската премиера на филмот „Врба“ во режија на Милчо Манчевски на 14. Филмски фестивал во Рим, со позитивни коментари се огласија повеќе светски филмски критичари. Тие се едногласни во ставот дека станува збор за величествен камбек на Манчевски, кого го споредуваат со Бергман, а „Врба“ го оценуваат како еден од најинтересните филмови на фестивалот и воопшто годинава со исклучителна режија и глума.

– Величествена македонска филмска приказна, која се појавува моќно, драматичен еп за три македонски жени и нивната желба за семејна љубов. Делото на Манчевски е многу покомплексно отколку што може да се замисли. Наратив, кој благодарение на неговата необична природа и развивањето на темите е набиен со значење и религиозен/мистичен подтекст, што на „Врба“ ѝ дава вкус на одамна поминати времиња на половина пат меѓу Бергман и Тар, бајка што боли на половина пат меѓу минатото и сегашноста. Режија што станува интимна и прецизна. Митолошки наратив меѓу бајката и сировиот реализам, со љубовта како единствено решение за древните проклетства. Приказна која длабоко го почитува животот и оние кои што се дел од него, силни жени и кревки мажи. Едно од оние дела кои е невозможно да минат незабележано, еден од најинтересните филмови на Римскиот фестивал и воопшто годинава, пишува италијанскиот „Cinematographe“.

Социјалната мрежа „Letterboxd“ смета дека суштината на филмот се содржи во насловот и во прашањето што се поставува во даден момент: Како да се љуби?

– Дело кое не е директно и кое се сталожува по гледањето, речиси присилувајќи го гледачот да се наврати на некои делови за да го спознае длабокото значење, наведува „Letterboxd“.

Европскиот филмски портал „Cineeuropa“ го дефинира филмот како раскошен и комплексно комичен.

– Манчевски, мајсторски ги вткајува во едно нишките на трите приказни, со повторување на мотиви и мали ишарети, кои гледачот може да ги толкува како што милува. Визуелно ова е раскошен филм… комплексно комичен, посочува „Cineeuropa“

„Врба“ за италијанските критичари е една од најфасцинантните филмски продукции на Римскиот филмски фестивал.