Светските цени на бакарот би можеле да се зголемат за повеќе од 75 отсто во следните две години


 

Светските цени на бакарот би можеле да се зголемат за повеќе од 75 отсто во следните две години поради нарушувања во понудата и поголема побарувачка за овој метал, што е поттикнато од зголемениот интерес за обновливи извори на енергија, се вели во извештајот на истражувачката единица на Fitch Solutions (BMI).

Транзицијата на зелената енергија и веројатниот пад на американскиот долар во втората половина на 2024 година ќе ги зголемат цените на бакарот, се додава во извештајот, според Си-Ен-Би-Си.

Аналитичарите очекуваат дека американската централна банка ФЕД оваа година ќе ги намали референтните каматни стапки, со што ќе го ослаби доларот и следствено на тоа ќе им овозможи на странските купувачи да купуваат бакар по поповолна цена.

На неодамна одржаната конференција за климатски промени COP28, повеќе од 60 земји поддржаа план за тројно зголемување на глобалниот капацитет на обновливи извори на енергија до 2030 година, а аналитичарите на Ситибанк веруваат дека ова сценарио е „исклучително оптимистичко за бакарот“.

Во својот декемвриски извештај, Ситибанк наведува дека светската побарувачка за бакар ќе се зголеми за дополнителни 4,2 милиони тони до 2030 година. Ако ова сценарио се оствари, цените на бакарот би можеле да пораснат до 15.000 долари за тон во 2025 година.