Светскиот економски форум во Давос ќе се одржи од 20 до 24 јануари
Годишниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос ќе се одржи од 20 до 24 јануари под слоганот „Соработка за интелигентно доба“, а форумот ги објави програмата и главните тематски целини.
Како што е објавено на веб-страницата на СЕФ, меѓу политичките лидери кои учествуваат се новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе учествува преку видео врска, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Годишниот состанок во 2025 година ги свикува глобалните лидери за да се справат со клучните глобални и регионални предизвици. Ова вклучува одговор на геополитичките шокови, стимулирање на растот за подобрување на животниот стандард и управување со праведна и инклузивна енергетска транзиција“, се наведува на веб-страницата на Светскиот економски форум.
Клаус Шваб, основач и претседател на одборот на директори на Светскиот економски форум, рече дека Давос е единствен по тоа што обединува речиси 3.000 личности од светот на политиката, бизнисот и граѓанското општество „за да се соочaт со предизвиците на светот во длабока трансформација”.
„Годишниот состанок во 2025 година ќе поттикне дух на соработка и конструктивен оптимизам со цел да се обликува претстојното интелигентно доба на поодржлив и инклузивен начин“, додаде Шваб.
Како што е наведено, 55-тиот годишен состанок на Светскиот економски форум ќе се фокусира на пет основни, меѓусебно поврзани тематски целини, од кои секоја е клучна за одржлива, инклузивна и просперитетна иднина.