Светски рекорд: Македонските ракометари ќе играат против Франција пред 50.000 гледачи


Фото: Б. Грданоски

Следното Европско ракометно првенство во машка сениорска конкуренција ќе се игра во Германија од 10 до 28 јануари 2024 година.

Најдобрите македонски ракометари предводени од селекторот Кирил Лазаров се наоѓаат во групата „А“ со светскиот вицешампион Франција, домаќинот Германија и Швајцарија.

Европското првенство ќе го отвори токму Македонија на 10 јануари против Франција, од 18.00 часот, а подоцна од 20.45 часот ќе играат Германија и Швајцарија.

Како што соопштуваат од Европската ракометна федерација, ќе биде урнат светскиот рекорд за посетеност на ракометен натпревар.

 

Повеќе од 50,000 илјади билети се распродадени за првите два натпревари на ЕП кои ќе се играат на „Меркур Шпил-Арена“ во Диселдорф.

Актуелниот светски рекорд за посетеност на ракометен натпревар беше поставен исто така на германски фудбалски стадион. Вкупно 44,189 навивачи присуствуваа на натпреварот Рајн-Некар Левен – Хамбург во Франкфурт Арената на 6 септември 2014 година.