Светски рекорд: Копачките на Меси продадени за 143.000 евра
Познатата аукциска куќа „Кристис“ ги продаде копачките на Лионел Меси за неверојатни 143.000 евра.
Копачките кои напаѓачот на Барселона ги носеше кога го постигна 644 гол за Барса се најдоа на аукција со цел собирање пари во добротворни цели.
Меси ги донира копачките на Националниот музеј Каталонија, откако го постигна 644 за Барса, рекорден гол за еден клуб, а музејот одлучи да ги продаде на аукција, а парите да ги донира на Универзитетската болница во Барселона.
Меси го постигна 644 гол против Реал Ваљадолид во 65. минута на натпреварот одигран на 22 декември 2020 година, а со тоа го надмина Пеле кој постигна 643 гола за Сантос.
Со оваа продажба надминат е рекордот при продажба на копачки, кој претходно го држаше Пол Погба, чии копачки на аукција во париз 2019 година продадени беа за 37.000 евра.
Копачките се Адидас Немезис Меси, потпишани од него, а на нив е испишано името на неговата сопруга Антонела Рокузо и датумите на раѓање на неговите синови Тиаго, Матео и Киро.
Со копачките се добива и сертификат за автентичност, а се претпоставуваше дека ќе бидат продадени по цена меѓу 60.000 и 80.000 евра, но цифрата ги надминува очекувањата.