Светски познатиот сопран Ангела Георгиу ќе го отвори 63. издание на фестивалот „Охридско лето“


Со грандиозен концерт на светската оперска дива, сопранот Ангела Георгиу од Романија и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на Теодорашку Артаманов од Романија на 12 јули на сцената на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 63. издание на фестивалот „Охридско лето“.

На денешната прес-конференција на која беше презентирана фестивалската програма, директорката на националната установа „Охридско лето“ Наташа Поповиќ и селекторките на музичкиот и драмскиот дел диригентката Бисера Чадлоска и актерката Сања Арсовска ветија богато фестивалско доживување со познати домашни и светски изведувачи.

Од 12 јули до 20 август, љубителите на уметноста, како што најави директорката, ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалските сцени, Антички театар, Долни Сарај, црквата „Света Софија“ и предворјето, како и Центарот за култура, посочи, ќе настапат повеќе од 1.000 уметници од над 20 земји од светот, Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија и Северна Македонија.

– Огромно е задоволството да се најават уметници и настани кои ќе ја збогатат фестивалската програма, децении градена со најдобрите и најславните музички имиња и врвните театарски креации. Фестивалските вечери на годинашното издание ќе донесат уметност значајна за културниот развој, како на Охрид, така и на целата држава. Ќе создадеме уште едно неповторливо доживување за нашата верна публика, рече Поповиќ.

Секое возвишено и успешно издание на „Охридско лето“, според директорката, почнува со најголемите, најславните, највозвишените уметници, што нема да е исклучок ниту годинава со настапот на оперската дива Ангела Георгиу и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на Теодорашку Артаманов од Романија.

– Ангела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција, истакна Поповиќ.

Во делот на драмската програма, како големо име го издвои светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович.

– Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“ во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин, кој ќе се запише во листата на најголемите уметници, кои настапиле низ фестивалската историја на „Охридско лето“, истакна Поповиќ.

Годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“, според селекторката на музичката програма Бисера Чадловска, нуди врвни музички имиња од државата и од целиот свет.

– Огромна е честа и одговорноста да се биде музички селектор на еден фестивал како што е „Охридско лето“. Сметам дека фестивалот е една од најзначајните манифестации во нашата држава воопшто, не само како дел од музичките и драмски збиднувања. Затоа сум посебно горда на годинашната музичка програма и сигурна сум дека мојот избор на музички уметници ќе предизвика огромен интерес кај стручната публика и кај јавноста, рече Чадловска.

Од светски познатите имиња ги издвои виолинистот Немања Радуловиќ и оркестарот Double Sense, Френк Дупре џез трио, како и пијано рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот „Фејмс“, камерниот оркестар „Кончертанте“ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон, камерниот ансамбл La Spagna, дувачкиот камерен ансамбл „Камерата академика“ од Словенија, виолинистот Роман Симович, светски познатиот пијанист Алексеј Ботвинов, концерт на Јозеф Тавардос на уд….

– Од домашните имиња ќе имаме можност да ги слушнеме пијанистите Дино Имери и Мимоза Ќека со индивидуални рецитали, пијано дуото Гелебешеви, триото „Аура“, традиционалниот концерт на Музичка младина на Македонија, дувачко трио со концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо и за крај на музичката програма, ден пред свеченото затворање, хорот „Про арс“ под диригентство на Сашо Татарчевски, со едно ново создадено дело на професорот Живојин Глишиќ, со наслов „12 месеци“. За роденденот на фестивалот, на 4 август, ќе слушаме фадо музика, во изведба на Жоана Амендоеира, Педро Амендоеира и Жоао Филипе, информира Чадловска.

Селекторката на драмскиот дел Арсовска, театарската програма за годинашното „Охридско лето“ ја нарече „Издание на големите“.

– Големи актерски имиња, големи режисерски имиња, големи наслови, големи театарски доживувања според емотивниот волумен кој го содржат и според важноста на темите кои ги обработуваат. Небото на годинашното Охридско лето ќе блеска од театарски ѕвезди, додека публиката ја впива и во себе ќе се бори со секоја воздишка, секој крик, смев, секое разочарување, лага, возбуда и среќа, секоја тага, копнеж и болка, предизвикани од емоционалналното празнење на седум театарски претстави, рече Арсовска.

Театарската програма, најави, ќе биде отворена со Стивен Фридмен и Офф Бродвеј претставата Бикот на Фаларис. „Охридско лето“, нагласи, на 26 јули ќе го донесе едно од најголемите светски глумечки имиња на сите времиња, Џон Малкович со претставата „Пеколна комедија – исповедта на еден сериски убиец“, во режија на Михаел Штурминген.

Три дена подоцна, на 29 јули ќе биде одиграна „Ана Каренина“, во продукција нa Ујвудеки Зинхаж од Нови Сад, во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски.

– Една од најнаградуваните претстави во регионот во изминативе години, работена според Толстоевото големо дело со егзалтиран наратив и неговиот маестрален опис на малите животи и одлуките со кои може или не може да се живее, рече Арсовска.

На фестивалската прогама е и премиерата на претставата „Едвард Втори“, на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, по текст на Кристофер Марлове, режирана од европскиот авторитет, украинскиот режисер Андриј Жолдак. Настап ќе има и Охридскиот народен театар со „Серјожа е туп“ од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска. Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, посочи Арсовска, ќе му даде сценски приказ на едно од најголемите книжевни дела „Декамерон“ од Џовани Бокачо, во драматизација на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска, а во режија на Мартин Кочовски….

– За затворање на фестивалот jа имаме најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ во претставата „Лагата од Флоријан Зелер“, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар. Биковиќ заедно со извонредните Тамара Крцуновиќ, Миoдраг Радониќ и Јелисавета Теодосиќ духовито ќе ги пласираат дилемите за користа од лагите и тајните во бракот, додаде селекторката.

Според неа, светските книжевни класици, на кои се недоврзуваат современите драмски текстови ќе создадат фестивал за паметење.

Директорката на Фестивалот на прес-конференцијата се осврна и на успесите на „Охридско лето“, како најреномирана манифестација со интернационален предзнак.

– Самитот на уметничките фестивали во Гирона, Шпанија во чии рамки се одржа и 70. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација, „Охридско лето“ се најде меѓу првите пет од 140 фестивали, членки на ЕФА. Членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација, но и потврда дека културата, уметноста и традицијата, кои се создаваат на фестивалската сцена во древниот Охрид го опишуваат кодот на нашиот народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност, рече Поповиќ.

„Охридско лето“ од оваа година преку соработката со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, според Поповиќ, официјално станува дел од активностите за брендирање на нашата земја како туристичка дестинација.