Светски осигурителни и пензиски фондови ќе ги санкционираат фирмите што финансираат и градат нови термоцентрали


Група водечки светски осигурителни и пензиски фондови најави санкции против компании кои продолжуваат да финансираат, осигуруваат и градат нови термоцентрали, што укажува на можност за продажба и на сопственички удел.

Сојузот Net-Zero Asset Owner Alliance управува со средства во вкупна вредност од над 5.000 милијарди долари, а негов член, меѓу другите, е и германскиот гигант за осигурување „Алијанц“ (Allianz).

Тие неодамна се обврзаа дека ќе инсистираат на построги ограничувања на емисиите на јаглерод за имотот што го поседуваат.

Според извештајот во кој имале увид некои светски агенции, а ќе биде објавен на почетокот на следната недела, тие се подготвуваат да ги повикаат компаниите во кои инвестирале да направат планови за укинување на термалниот јаглен.

– Ако јаглеродниот отисок не се намали на долг рок, членовите на сојузот ќе бидат принудени да преземат уште поостри мерки и на крајот да го продадат имотот, предупреди Гинтер Талингер од „Алијанц“.

За да им помогне, групата ги дефинираше основните принципи според кои компаниите, меѓу другото, веќе не треба да финансираат, осигуруваат, градат, развиваат или планираат нови централи на јаглен, со исклучок на веќе започнатите проекти.

Тие исто така треба веднаш да ги откажат сите нови проекти со термички јаглен што сè уште не се во изградба, вклучувајќи ги рудниците и инфраструктурата, како и снабдувањето со сродни производи и услуги.

– Членките на сојузот сметаат дека сите компании во нашите портфолија треба да ги разберат пошироките импликации од активностите, работењето и проектите во кои се ангажирани, се вели во извештајот.

Според Парискиот климатски договор, зголемувањето на температурата на Земјата треба да биде ограничено на 1,5 степени Целзиусови до 2050 година во споредба со прединдустрискиот период. Развиените економии поради тоа до 2030 година мора постепено да го отстранат поголемиот дел од термичкиот јаглен.

До 2040 година јагленот треба целосно да се укине.