Светски ден за пристојна работа – КСС бара нов социјален договор


Во светот денеска се одбележува Светскиот ден за пристојна работа, годинава со централна тема „Нов социјален договор за закрепнување и издржливост“ за што е потребно да бидат разгледани стратегии за враќање на работниците на работа, за заштита на работните места во време на пандемија, ажурирање на проценките за безбедност и здравје, согласно новата биолошка штетност, работа од далечина и прецизирање на деталите поврзани со тоа.

-Сето ова КСС со голем успех го постигнува преку организирање и учествување на најразлични обуки, семинари, конференции и многу други настани поврзани со правата на работникот. Пристојната работа подразбира заедничко работење за да биде човечкиот живот осмислен и исполнет, а на тој начин работниците да придонесат за светот да биде почист, побезбеден и подобро место за живеење. Пристојна работа значи: достоинство, еднаквост, пристоен приход и безбедни услови на работа, се вели во соопштението од КСС по повод одбележувањето на овој ден.

Од КСС потсетуваат дека милиони луѓе од 2008 година учествуваат на настаните организирани на овој ден, кој годинава претставува ден за виртуелно мобилизирање низ целиот свет поради спречување од ширење на Корона вирусот.

-7 Октомври е ден кога сите синдикати во светот се залагаат за пристојна работа. Пристојната работа мора да биде во центарот на владините активности за да се врати економскиот раст и да се изгради нова глобална економија што ги става луѓето на прво место, велат од КСС.

Ефектите од пандемијата врз здравјето, вработувањето, приходите и родовата еднаквост се сè пострашни, бидејќи светот веќе беше под силен удар од пандемијата, а со тоа многу работници останаа без работа, а исто така се зголеми неизвесноста и несигурноста кај вработените.

-Затоа потребен е нов социјален договор кој ќе биде од клучно значење за трасирање на патот кон закрепнување од последиците предизвикани од Ковид-19, како и за градење на економија на заеднички просперитет и одржливост, бараат од КСС.

КСС на овој ден за пристојна работа го акцентира своето секојдневно дејствување со цел да се стави крај на сиромаштијата, гладувањето и да се намалат нееднаквостите помеѓу работниците. сст/са/