Светски ден за борба против хепатитот


Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) годишно 171.000 лица умираат од последици поврзани со вирусен хроничен хепатитис Б или Ц. Во земјава еден отсто од населението е инфицирано со хроничен хепатитис Б или Ц.

Хепатитис Ц е првата излечива хронична вирусна инфекција во медицинската историја. Хепатист Б пак е превентивна вирусна инфекција што може да се третира доколку стане хронична. Истражувањата велат дека со навремено информирање и превенирање, достапност до третмани и иновативни лекувања, во следните пет до 10 години, смртноста од хроничен хепатитис може да се намали и до 70 отсто.

Статистиките на глобално ниво покажуваат дека, 80 проценти од инфицираните со хроничен хепатит Б или Ц, доколку навремено не се третираат може да добијат карцином на црниот дроб или малигното заболување, хепатоцелуларен карцином, што претставува директна опаснот по животот на пациентот.

По повод 28 јули – Светскиот ден за борба против хепатитот, Хепар Центар Битола, кој е дел од глобалното и европското  движење NOhep и EndHep Europe, организира прес-конференција на која, меѓу останатите, ќе се обратат и директорка на канцеларијата од СЗО во земјава Џихан Тавиала, директорката на Гастроентерохепатологија и претседателка на лекарска комора Калина Страделова, претседателот на Европската асоцијација на пациенти со болест на црниот дроб (ЕЛПА) Марко Коренјак, градоначалничката од Битола, Наташа Петровска и директорот на Здравствениот дом Скопје, Виктор Исијановски.