Светски ден на операта: Операта е плод на вечниот предизвик да се соединат во хармоничен брак музиката и драмата


Операта е плод на вечниот предизвик да се соединат во хармоничен брак музиката и драмата, инспирација на најголемите композитори на сите времиња, да ги спојат највозвишените уметнички изрази во еден комплексен ентитет и пред вечната публика, преку чудесниот јазик на музиката и моќта на зборот, да ги изведат на сцена, милениумските митови за природата на човекот и Бог, животот и смртта, љубовта и злото, се вели во пораката од Љубомир Бранѓолица, во соработка со Кристина Пешева-Диновска по повод 25 октомври – Светски ден на операта.

Оперските дела, посочуваат, не допираат во најисконските длабочини на нашето битие и непрекинато, со стотици години, и покрај повеќе кратните историски теретења за нерелевантност, застареност и елитизам, и понатаму, претставуваат стожер ни уметнички доживувања за оние кои им се изложуваат со доверба и интерес.

– Музичкиот театар е изнедрен плод на културата кој преку чудотворната синергија на многуте уметничк изрази го рефлектира човековиот идеал за трансцедентното значење на неговиот живот. Без него би биле празни школки, кои талкаат во потрага по некое слично „волшебно огледало“ во кое би ги виделе сите наши недостатоци и возвишености, би ги уочиле нашата способност за зло и потреба за љубов и во интимноста на нашите срца би ја сфатиле нашата вредност и би научиле да бидеме понизни пред големината на животот; без тој уметнички „апарат“ ние би биле изгубени, а нашиот вредносен компас расипан и бескорисен, се вели во пораката.

Според нив, изведбените уметности се соочуваат со повеќе, досега невидени, предизвици – театрите се затворени, аудиториумите празни, а сцените тивки.

– Во време кога вообичаено оперските куќи и публиката возбудено го исчекуваат отварањето на новата сезона, ние ја имаме само оваа порака. Но, делата на уметноста носат вистина, а нејзината вредност е света и колку и да ја криеме од очите на светот, и на најмалата светлина што и е упатена, таа дава огромен одблесок; нејзините дарови се неприкосновени и вечни, а ние без нив, вечно жедни, се посочува во пораката.

Интернационалниот Театарски Институт (ИТИ) побарал од композиторот Љубомир Бранѓолица, кој со своето долго животно и музичко искуство, е еден од главните композиторски протагонист на македонската оперска и музичка изведбена историја, да упати порака по повод Светскиот ден на операта. Неговите зборови, како што велат од ИТИ, беа јасни, а пораката кратка и служи како алка на премостување на се поголемиот јаз меѓу традицијата заситена со уметнички богатства и новото време кое допрва ќе треба да ја докаже валидноста на својата замислена вредносна матрица.

– Маестро Бранѓолица ни рече: Денес сме поплавени со забавна музика – брз лек за засенување на секојдневните грижи. Наспроти козметичкиот карактер на овие звуци, натежнати од теретот на комерцијалност, стои наследството на операта. Да не заборавиме дека е значајна; културниот момент на овој медиум кој не воздига и не упатува на традицијата на звукот и содржината, е всушност наследство кое ни е насушна потреба. Генијални композитори од различни стилски и историски епохи ги истуриле врз светот своите музичко-драмски дела за сите генерации да ги жнеат, се вели во соопштението од ИТИ.