Светски ден на одржување хигиена на рацете: Задолжително да се мијат често


Подигнување на свесноста и разбирањето за важноста од редовно и темелно миење на рацете со сапун и вода, како најлесен и најдобар начин за превенција од болести и спречување на ширење на инфекции, е пораката на Светскиот ден на одржување хигиена на рацете, што се одбележува денеска под мотото „Хигиена на рацете за сите“.

Овој ден, како што соопшти Министерството за здравство, е посебно значаен во време кога светот се соочува со пандемија и преку него се акцентира хигиената на рацете како една од основните превентивни мерки за заштита од вирусот.

Респираторните вируси како коронавирусот се шират преку слуз или капки што го содржат вирусот, а во организмот навлегуваат преку очи, нос или грло. И ова многу често се случува преку рацете.

Во контекст на превенција од Ковид-19, рацете задолжително треба да се мијат често, а особено по секнење на носот, кашлање или кивање, по посета на јавен простор, присуство во јавен превоз, по посета на пазари и верски објекти, по допирање површини надвор од дома, вклучувајќи и пари, пред, по и за време на грижа за болно лице, пред и по јадење, по употреба на тоалет, ракување со отпад, допирање животни и домашни миленици, менување пелени или помош на деца при одење во тоалет итн.

Светската здравствена организација посочува дека честата и темелна хигиена на рацете е една од најефективните мерки за превенција од дијареја, од воспаленија на белите дробови, но и низа други инфекции кои можат да имаат и фатални последици, информираат од Министерството.