Светски ден на фармацевтите под мотото „Доверете ни го вашето здравје“


Под мотото „Доверете ни го вашето здравје“, денеска се одбележува Светскиот ден на фармацевтите.

Фармацевтска комора на Македонија соопшти дека годинашното мото е избрано токму поради фактот што во оваа ера на пандемија, токму довербата што пациентите ја имаат кон здравствените работници, меѓу кои и фармацевтите како едни од најдостапните, е таа што ни помага полесно да се соочиме со КОВИД -19 вирусо .

– Довербата е клучен сегмент од човечките односи и основен елемент од социјалниот капитал. Довербата е, исто така, од суштинско значење во процесот на здравствената грижа. Постои значајна корелација помеѓу довербата во здравствените работници и резултатите од лекувањето на пациентите. Анкетите покажале дека во различни клинички оддели, со поголемата доверба во здравствените работници, пациентите изразиле поголемо задоволство од лекувањето и покажале многу поповолни здравствени резултати, а пројавиле и помалку симптоми и поголем напредок во квалитетот на животот, се наведува во соопштението.

Бројни истражувања веќе години наназад, се посочува, во континуитет ги сместуваат фармацевтите меѓу петте најдоверливи здравствени работници.

– Исто така, и едукаторите се постојано во првите пет, и, според најновите истражувања, научниците се едни од најдоверливите луѓе во светот. Фармацевти, едукатори и научници. Тоа е нашата фармацевтска професија, се наведува меѓу другото во соопштението од Фармацевтска комора на Македонија.

Се додава дека во време кога владее несигурност кон вакцините, јавната доверба е од најголемо значење од кога било досега.

– Ние фармацевтите даваме совети поткрепени со најновите научни докази. Ние можеме аргументирано да им се спротивставиме на анти-вакцерите и да ја зголемиме довербата кон вакцините во полза на нашата заедница, се посочува во соопштението.