Светската метеоролошка организација: Ова е црвен аларм за светот


Минатата година беа срушени сите глобални климатски рекорди, предупреди Светската метеоролошка организација (СМО), изразувајќи особена загриженост поради затоплувањето на океаните и топењето на морскиот мраз.

Во својот годишен извештај за состојбата на глобалната клима, СMO истакна дека просечните температури го достигнале највисокото ниво во последните 174 години мерење – 1,45 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.

Температурите на океаните беа највисоки во последните 65 години, а повеќе од 90 отсто од морето доживеа топлотен бран, според СМО.

„СМО огласи црвен аларм за светот“, рече генералниот секретар на оваа организација Селесте Сауло, која ја презеде функцијата во јануари.

„Она што го доживеавме во 2023 година, особено невиденото затоплување на океаните, повлекувањето на глечерите и губењето на морскиот мраз на Антарктикот, е причина за особена загриженост“.

Паѓаат рекорди
Климатските промени, предизвикани од согорувањето на фосилните горива, заедно со климатскиот феномен Ел Нињо, соборија рекорди во 2023 година.

Научниците предупредуваат дека 2024 година може да биде полоша бидејќи Ел Нињо ги зголемува температурите.

Во извештајот се предупредува на големо намалување на морскиот мраз на Антарктикот. Највисокото измерено ниво беше за милион квадратни километри помалку од претходниот рекорд, приближно колку Египет.

Тој тренд, во комбинација со затоплувањето на океаните што предизвикува ширење на водата, придонесе за повеќе од двојно зголемување на нивото на морето во изминатата деценија во споредба со периодот од 1993 до 2002 година, според СМО.

Топлината беше концентрирана во Северниот Атлантик, каде што температурите беа просечни 3 степени Целзиусови над просекот до крајот на 2023 година, се вели во извештајот.

Повисоките температури на океаните влијаат на чувствителните морски екосистеми и многу видови риби избегаа северно од областа во постудени води.