Светската економска елита годинава во онлајн издание на Форумот во Давос


Овогодинешниот 51-и Светски економски форум (СЕФ), кој традиционално се одржува во швајцарскиот ски центар Давос, ќе се одржи во виртуелен формат поради пандемијата на корона вирусот, од 25 до 29 јануари, објави основачот и извршен директор на СЕФ Клаус Шваб на прес-конференција.

Шваб посочи дека клучните задачи на сите светски економии се надминување на тековната здравствена криза, зајакнување на економската издржливост, инклузивен и одржлив развој, а како најважен предуслов за иднината на глобалната економија, тој го потенцираше „враќањето на довербата и воспоставување меѓународни трговски текови“, пренесува Танјуг.

Како што беше најавено на прес-конференцијата, говорници на форумот преку Интернет ќе бидат кинескиот претседател Си Џинпинг, неговиот француски колега Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.

Исто така, на учесниците ќе им се обратат јапонскиот премиер Јошихиде Суга, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајан и индискиот премиер Нарендра Моди.

Бидејќи глобалната економија е во најголема криза досега, што исто така се манифестира преку спирален раст на невработеноста и нееднаквоста, агендата на овогодинешниот СЕФ вклучува теми за фер економски и социјални системи па се  до дигитализација и климатски проблеми.

Организаторите изјавија дека во дискусијата за овие прашања ќе бидат вклучени и претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, како и извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева.

Годишниот состанок на СЕФ, кој обично се одржува секој јануари во швајцарското планинско одморалиште Давос, ги собира светските политички лидери, гувернери на централни банки, шефови на компании, како и јавни личности и милијардери од целиот свет.

Организацијата на овој собир со директно учество на гостите беше одложена поради пандемијата, а СЕФ претходно најави дека настанот во таа форма ќе се одржи во мај годинава во Сингапур.