Светската гудачка атракција „Бонд“ по Скопје, со ексклузивен концерт во Струмица на 20 мај


По концертот на „Охридско лето“ во 2013 година, гудачкиот квартет од Велика Британија- Бонд, доаѓа во Македонија, со ексклузивен концерт во Струмица на 20 мај, со капацитет од само 600 влезници.  Вечерва, атрактивните музичарки имаат настап во Македонската филхармонија, во 20 часот. 

„После голем број критики дека освен во Скопје и на лето во Охрид никогаш не сме се обиделе да работиме светски имиња и во останатите градови во Македонија, решивме да ставиме крај на тоа. По повод 30 години Авалон Продукција, на менаџментот на Bond му предложивме вториот концерт на Bond наместо во Скопје да се одржи во некој друг град… и девојките тоа со задоволство го прифатија. Изборот падна на Струмица, бидејќи во 30 години постоење, таму имаме сработено многу мал број концерти од било кој тип и калибар, вели организаторот „Авалон“. 

Квартетот Bond, нарекуван уште и „Spice girls на класичната музика“ е супербренд во светот на музиката кој е истовремено и најпродаваниот гудачки квартет на сите времиња. Како уникатна светска гудачка атракција, Bond имаat продадено неверојатни 5 милиони албуми низ целиот свет, 56 платински и 15 златни тиражи на своите изданија, како и огромен број на распродадени турнеји низ Европа, Америка, Австралија, Централна Америка и Азија

Влезниците се во продажба онлајн на avalon.mk и ширум продажната мрежа на Авалон низ Македонија по цена од 1.500 денари.