Светска премиера на филмот „Врба“ од Манчевски во Рим

Со гала-премиера и со прошетка по црвениот килим, синоќа, во рамките на 14. издание на Филмскиот фестивал во Рим, премиерно беше прикажан најновиот  игран  филм „Врба“ на  режисерот Милчо Манчевски.

На премиерата, која се одржа во салата Петраси, во најголемиот јавен музички комплекс Паркот на музиката, присуствуваше и министерот за култура на Македонија, Хусни Исмаили.

За „Врба“,  првиот  фестивалски ден во Рим започна  со утринска проекција за новинарите, а потоа следуваше прес-конференција со режисерот Манчевски и со македонските актерки Сара Климоска, Наталија Теодосиева и КамкаТоциновски.

Филмот „Врба“ на Фестивалот во Рим се најде во официјалната програма меѓу  33  филмови од 25 земји во светот. Најавувајќи ја програмата, уметничкиот директор на Фестивалот, Антонио Монда, го опиша филмот на Манчевски како „прекрасен“. Тој додаде дека годинава Фестивалот е во знакот на жената: елегантен и стамен, поими кои реферираат и на „Врба“, кој говори за мајчинство, љубов и доверба.

Фестивалот беше отворен на 17 октомври со проекција на најновиот филм на актерот и режисер Едвард  Нортон, „Бруклин без мајка“, во кој играат Брус Вилис, Алек Болдвин и Вилем Дефо.

Филмскиот фестивал во Рим е голем културен настан каде што публиката има можност за директен разговор со најголемите режисери, актери и писатели. Исто така, паралелно со Фестивалот има и голем филмски маркет за пласман на филмовите и за склучување нови проекти.

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, НаталијаТеодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во другите улоги настапуваат: Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музикатаја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.