Светска метеоролошка организација: Големи шанси за враќање на феноменот Ел Нињо


Враќањето на временскиот феномен Ел Нињо е можно во втората половина од годината, што може да придонесе за зголемување на глобалните температури, предупреди во средата Светската метеоролошка организација (СМО). По три години од временскиот систем Ла Ниња во Тихиот Океан, кој често малку ги намалува глобалните температури, има 60 отсто шанси мај и јуни да доживеат промена во вид на Ел Нињо, кој е потопол пандан, да се врати.

Таа шанса се зголемува на 70 до 80 отсто во периодот од јули до септември, според СМО.

Вилфран Муфоума Окиа, шеф на одделот за клима при СМО, рече дека сè уште нема проценки за можен пораст на глобалните температури.

„Но, Ел Нињо ќе предизвика висок пораст на глобалните температури, ние го чувствуваме ефектот на температурите предизвикани од Ел Нињо со мало задоцнување“, рече Окиа.

Најжешкото забележано лето беше 2016 година
СМО признава дека не може да ја предвиди силата или времетраењето на Ел Нињо. Најжешкото лето досега беше 2016 година и се совпадна со силниот Ел Нињо, иако климатските промени придонесоа за екстремни температури и во годините кои не спаѓаат во таа временска шема.

Тоа е дел од природната осцилација, поттикната од температурите на океаните и пацифичките ветрови, што се префрла помеѓу Ел Нињо, неговата „поладна сестра“ Ла Ниња и неутралните услови. Во последните три години се забележани голем број необични последици од Ла Ниња.

За време на Ел Нињо, западните ветрови по должина на екваторот се забавуваат и топлата површинска вода на Пацификот тече назад кон исток, задушувајќи ги постудените води и создавајќи потопли температури на површината на океаните. Во годините на Ла Ниња, ветровите од исток кон запад на Пацификот се посилни, туркајќи ги топлите површински води на запад и повлекувајќи подлабока, постудена вода на исток.