Светска банка со 120 млн. долари ќе поддржи пет проекти во земјава

Светската банка ќе даде поддршка од околу 120 милиони долари за финансирање на пет проекти во Северна Македонија, со кои ќе се подобри локалната инфраструктура, ќе се модернизира пензискиот сектор и земјоделството, ќе се подобри енергетската ефикасност на јавните институции и ќе се обезбеди пристап до висококвалитетни широкопојасни услуги, соопшти Министерството за финансии.

Во соопштението се посочува дека за ова станало збор на состанокот помеѓу делегацијата предводена од министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со потпретседателот на Светската банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, со директорот на СБ за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и со извршниот директор на Групацијата на СБ за Конституенцата во која е и Република Северна Македонија Кун Дејвитсе, за време на годишните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што се одржуваат во Вашингтон.

– До почетокот на следната година треба да се потпише договорот со Светската банка со кој ќе се обезбедат 70 милиони евра за реализацијата на проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта. Преку проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта општините со проекти за локалните делници ќе можат да ги искористуваат средствата за да ја подобрат локалната инфраструктура, се наведува во соопштението.

Според Министерството, преку проектот за енергетска ефикасност во вредност од 25 милиони евра ќе се вложува во подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти во општините и на јавните институции.

Преку проектот за модернизација на земјоделството во вредност од околу 46 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра ќе бидат грант средства, ќе се подобри конкурентноста на земјоделскиот сектор преку советодавен едношалтерски систем и земјоделски откупни центри, а истовремено ќе се јакнат и капацитетите за спроведување на ИПАРД. Се очекува договорот за овој проект да биде потпишан со Светската банка на почетокот на 2020 година. Исто така, во рамки на поддршката која ни ја дава Светската банка за пензиските реформи е и проектот за модернизација на пензискиот сектор. Со овој проект ќе се модернизира пензиската администрација, ќе се воспостави единствен регистар на социјално осигурување, ќе се зајакне системот на вработување и професионална рехабилитација на лицата со инвалидност. Се очекува проектот да биде потпишан на почетокот на следната година, се додава во соопштението.

До средината на следната година треба да биде потпишан и договор со Светската банка за финансирање на проектот Дигитална Македонија, во износ од 30 милиони евра, со кој ќе се овозможи пристап до висококвалитетни широкопојасни услуги.

Инаку на средбата, министерката за финансии и потпретседателот на Светска банка го потпишале договорот ДПЛ за поддршка на развојните политики во јавните финансии, реформи во подобрување на управувањето и транспарентноста на јавните финансии и поефикасна јавна потрошувачка, особено за социјалната заштита, реформи во енергетика преку либерализација на енергетскиот сектор и зајакнување на обновливи извори на енергија – сите во насока на постигнување долгорочен раст.

– Од двете страни беше истакнато дека претстои амбициозна агенда, голем број на проекти кои ќе се реализираат идниот период и кои ќе придонесат за подобрување на инфраструктурата во земјата и јакнењето на човечкиот потенцијал, се нагласува во соопштението.