Светска банка препорачува затегање на фискалниот ремен и таргетирани и временски ограничени мерки за поддршка


Светска банка ги намали проекциите за економскиот раст во земјава на 2,7 проценти од претходно проектираните 3,7 проценти, како резултат на енергетската криза и последиците предизвикани од руската инвазија на Украина.

Проекциите што денеска во Скопје ги презентираше Светска банка се темелат на претпоставката дека кризата ќе се ублажи во вториот квартал од годинава. Тие се направени пред месец и половина, кога почна војната, а поради неизвесноста со кризата, од Светска банка најавуваат дека до крајот на годината најверојатно ќе излезат со уште две проекции.

Во најновиот полугодишен извештај, очекувањата на Светска банка се дека фискалниот дефицит ќе остане висок, поради континуираната поддршка на фирмите и домаќинствата за ублажување на влијанието од енергетската криза и војната во Украина. Постепено намалување ќе има до 2024 година, оставајќи го јавниот долг над 64 проценти од БДП.

Препораката е да се стегнат фискалните политики, мерките за поддршка да бидат таргетирани кон најранливите категории и да бидат временски ограничени, односно да запрат кога ќе се подобрат условите на подобро.

– Мерките како намалување на данокот на додадена вредност треба да бидат временски ограничени. Мислам дека во случајот со Северна Македонија има краен рок, меѓутоа ваквите мерки доста е тешко да се запрат. Кога луѓето ќе се навикнат дека стапката на ДДВ е пет наместо 18 проценти, многу тешко е да се вратите на 18 проценти, истакна Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан на денешната презентација на извештајот.

Простор за рационализација на трошењата, според Светска банка, има во делот на субвенциите што ги има во Програмата за државна помош, додека во однос на даночното оптоварување, забелешката е дека има многу исклучоци што предизвикуваат даночна ерозија, која во дадениот момент, е проблем, бидејќи има притисок во делот на трошењето. Она што треба да се направи, според Светска банка, е да се зголемат приходите и да се намали дефицитот.

– Северна Македонија припаѓа во групата на земји со мало даночно оптоварување. Проблемот е што имате многу исклучоци поврзани со фирми кои работат во ТИРЗ или на пример данокот за личен доход во ИКТ секторот, што беше воведен минатата година. Сето тоа доведува до ерозија на даночната основа и ова не би било проблем ако немате притисок во делот на трошењето, рече Маџаревиќ-Шујстер.

Очекувањата се дека годинава зголемувањето на пензиите ќе биде големо со оглед на фактот дека цените растат, а индексацијата на пензиите што беше воведена во 2019 година, беше ценовна.

Најпогодени сектори, според Светска банка, ќе бидат енергетскиот сектор, земјоделството и автомобилската индустрија, а доколку продолжи војната во Украина, тогаш дополнително ќе се намали надворешната побарувачка, ќе се зголемат цените на основните стоки и енергијата и ќе се одложат инвестициите.

Најновата криза, смета Светска банка, нема значително да влијае на миграцијата.