Светска банка: Поддршката за Европа и централна Азија во борбата против пандемијата над 1,4 милијарди долари

Според Светска банка, Македонија ќе има најмало забавување на економијата помеѓу -1,4 отсто и -3,2 отсто

Поддршката за земјите од Европа и централна Азија во борбата против пандемијата на новиот коронавирус досега изнесува повеќе од 1,4 милијарди долари, соопшти денеска Светска банка.

„Почнувајќи од 2 април 2020 година, одобрени се нови проекти за итно реагирање во вредност од 490 милиони долари. Покрај тоа, до 925 милиони американски долари ќе бидат прераспределени, искористени или обезбедени од постојните проекти и заеми, вклучително и дополнително финансирање, за да им помогнат на земјите во борбата против пандемијата“, се вели во соопштението.

Како што е наведено, овие средства ќе се користат за набавка на медицинска опрема, вклучувајќи комплети за тестирање, маски за кислород и респиратори, изградба на капацитети на здравствени системи, меѓу кои и обука на здравствените работници, како и поддршка на социјалната заштита на најранливите групи засегнати од вирусот.

Неколку земји во регионот во моментот разговараат со Светска банка за идните проекти и поддршка за надминување на пандемијата.

Во најновиот Економски извештај за Европа и Централна Азија, Светска банка посочува неколку сценарија за негативниот раст за регионот, вклучително и сериозна рецесија во 2020 година, при што наведува дека ќе дојде до контракција на растот помеѓу минус 4,4 и минус 2,8 проценти.