Светска банка ги одобри 90-те милиони евра за Македонија


Канцеларијата на Светска банка во Скопје соопшти дека се одобрени 90-те милиони евра за поддршка на земјава за спречување на корона вирусот, за зајакнување на националниот здравствен систем и за ублажување на социјалните последици од пандемијата.

– Со Проектот за итен одговор на состојбата со КОВИД-19 ќе се обезбеди директна поддршка за ограничување на локалното пренесување на вирусот преку зајакнување на системите за следење на болестите и на јавните лаборатории преку набавка на дијагностички комплети, реагенси, потрошни материјали, опрема за лична заштита и обука за соодветните протоколи. Ќе биде обезбедена и поддршка за делумни реновирања за да се отворат дополнителни кревети за интензивна нега, за системите за управување и депонирање на медицинскиот отпад и за мобилизирање на дополнителни капацитети во здравствениот систем преку финансирање на платите за обучени и добро опремени здравствени работници директно вклучени во справување со кризата што не биле предвидени во државниот буџет, велат од Светска банка.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Марко Мантованели вели дека поради економските последици од КОВИД-19, особено врз ранливите домаќинства, преку проектот ќе се обезбеди социјална помош за да се ублажат овие ефекти и да им се овозможи да се придржуваат на мерките за социјално дистанцирање.

– Светска банка помага луѓето да се заштитат од епидемијата и да се задоволат итните потреби на здравствениот сектор за да се намали притисокот врз здравствениот систем, истакнува Мантованели.

Со проектот ќе се обезбедат и парични надоместоци за ранливите домаќинства погодени од економските последици на КОВИД-19 и обезбедување храна и основни производи за населението во карантин и за домаќинствата погодени од вирусот. Ќе се финансира и осигурувањето во случај на  привремена невработеност преку обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.