Светот во 2020: „Случај Навални“ – го преживеа отровот, но дали ќе го надмудри Путин

Се почна на 20 август, на еден мал аеродром во централна Русија, иницијално како инцидент со труење со чај/кафе, а од пред само неколку дена веќе големиот меѓународен случај „Навални“ доби сосема поинаков тек, со тврдењето на самиот актер, рускиот опозиционер Алексеј Навални, дека со име и презиме, со функции, и специјалности, ги знае руските агенти кои учествуваа во обидот за неговото убиство и дека токму тие го затруле преку инсертирање отров во неговата долна облека.

Како ќе заврши оваа интересна и читана разузнавачко-безбедносно-политичка сага засега никој не може да претпостави. Во меѓувреме, за овие неколку месеци таа се разви во еден од најголемите шпионско-политички скандали во поновата историја на руско-европските односи и секако беше еден од најважните настани во втората половина на 2020 година.

Аферата „Навални“ од ден на ден добива нови и нови елементи, обвинувања и контраобвинувања, политичко-дипломатски преписки и прозивки, лидерски разговори, па дури и санкции и контрасанкции, што во моментов, се чини, навистина никој не знае каков епилог ќе има, ако воопшто и има.

Но, уште од самиот почеток едно нешто стана сосема јасно, а тоа е дека рускиот опозионер, блогер, адвокат, невладин активист, политичар, 44-годишниот Алексеј Навални, кој дотогаш беше познат во опозициските кругови во Русија, но со слаба посетеност на неговите протести, одеднаш стана планетарно познат, како дисидентот на кого руските власти му „спакуваа“ убиство. Стана ѕвезда, за чие здравје и безбедност се грижат сите европски политичари и специјални служби. Стана политичка закана за Кремљ. Врелиот шамар што Навални му го удри на рускиот естаблишмент, особено на претседателот Владимир Путин, кого директно го прозва и обвини дека го наредил неговото убиство, и натаму силно одекнува низ ходниците на Кремљ, но и низ европските престолнини.

Руските власти, се чини, засега немаат или не покажуваат некоја уверлива стратегија за извлекување од оваа непријатна ситуација. Тие за сето време на скандалот, се држат воздржано и смирено, негирајќи било какво учество во труењето и обидот за убиство на опозицинерот. По серијата нови обвинувања од Навални во последните две недели, во кој тој го откри идентитетот на екипата која му го „пакувала“ труењето, па дури и објави снимен разговор со неговиот „трујач“, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, првпат излезе од воообичаениот смирен, кус и „филуван“ дипломатски жаргон и истакна дека информациските гласини што ги креира Навални околу себе се манифестација на „манија на гонење и мегаломанија“.

Само неколку дена пред него, рускиот претседател во одговор на новинарско прашање во неговиот традиционален годишен настап пред медиумите кажа дека „доколку руските безбедносни служби  навистина сакаа да го убијат, тој сигурно сега немаше да биде жив “

Путин притоа оцени дека Навални „ ја има поддршката на американските специјални служби“ и ако е тоа така тогаш е разбирливо дека треба да биде следен.

-Но, тоа не значи дека треба да биде отруен, рече Путин, негирајќи го обвинувањето на дисидентот.

Труење или нарушен метаболизам

Здравствената состојба на Навални сериозно се влошила за време на лет од сибирскиот град Томск кон Москва, на 20 август, кога авионот експресно морал да се приземји, а тој да биде хоспитализиран во рускиот град Омск. Да ја немало упорноста на пилот Навални сигурно ќе починел од труење, тврдат западни медицински експерти, знаејќи го степенот на сериозноста на неговото здравје во моментот на  прием во германската болница, два дена подоцна.

Пред да биде пренесен во берлинската клиника „Шарите“, Навални беше лекуван во болницата во Омск, каде лекарите тврдеа дека состојбата му е загозувачка, но не можеа да потврдат дека бил затруен, туку тврдека дека станува збор за некакво нарушување на метаболизмот.

Западни експерти тврдат дека во целата работа биле вмешани прстите на СФБ, бидејќи тие ја имале контролата врз раководството на болницата во Омск и се што излегува како став на лекарите. Второ, бидејќи на авионот во кој летал Навални првично контролната кула не му дозволила принудно да слета на аеродромот во Омск , наводно заради закана од подметната бомба во него и само заради упорноста на пилотот авионот не продолжил за Москва, а Навални се уште е жив. Третото ниво на нивната вмешаност, за која подоцна пишуваше и „Тајмс“ е дека пред заминувањето за Берлин имало и втор обид за елиминација на Навални со труење со „Новичок“, за среќа и тој неуспешен.

Неуспешниот обид за двоен атентат врз Навални, чии детали ги објави „Тајмс“, покажаа дека политичките атентати, често извршувани за време на советската ера, повторно станаа важен елемент во тактиката на Кремљ за заплашување на противниците. Според авторот на статијата, најдраматичен од сите ефекти е труењето.

И затоа се поголемиот број смртни случаи меѓу критичарите на Путин создаде аура на храброст околу преживеаните. Ова особено се однесува на 44-годишниот Навални.

-Прашањето што најчесто ми се поставува е зошто се уште сум жив, знае да каже Навални за себе.

Префрлање во Германија

Токму од овие причини, на инсистирање на неговата сопруга, и по натегањата меѓу германските и руските власти (па дури и Путин и Меркел мораа да се вклучат во убедувањата), на 22 август на Навални, сепак, му беше дозволено со германски медицински авион да замине за клиниката во Берлин.

На клиниката „Шарите“, според докторите, примен бил во бесознание, индуцирана кома, со сериозно нарушување на нервниот систем и системот за дишење, и во генарално крајно животно загрозувачка состојба.

Неколку недели подоцна, според германскиите лекари неговата здравствена состојба се подобрила. Откако бил изваден од медицински индуцираната кома, со тешкотии во говорот и разбирање на туѓ говор, по три недели делумно закрпнал. Два месеца подоцна, наведуваат германските лекари во медицинското списание “Лансет“, кај него забележале дека невролошките, невропсихолошките и неврофизиолошките наоди покажуваат речиси целосно закрепнување и дека нема докази за полиневропатија, што вклучува оштетување на голем број или на сите периферни нерви, поради различни наследни или стекнати причинители. Притоа, тие упатија јасна порака дека да не била брзата и точна медицинска реакција на нивните колеги од болницата во Омск, Навални сега немало да биде жив. Лекот атропин, што веројатно го примил веднаш по пристигнувањето во болницата во Омск, се покажал како спасоносен за него, тврдат лекарите.

„Новичок“ – агенсот од Студената војна

Еспертите од неколку западни земји, меѓу кои оние од Организацијата за заштита од хемиско оружје, во меѓувреме децидно заклучија дека критичарот на Кремљ бил затруен со нервниот агенс „Новичок“, создаден во времето на Советскиот Сојуз и Студената војна. Ова  тврдење Москва веднаш го демантира и потоа постојано го негираше.

Тоа беше причина ЕУ да воведе санкции кон одредени претставници на руските служби или кокретно воведе забрана за влез и им ги замрзна банкарските сметки на шестмина осомничени, вклучувајќи го и шефот на ФСБ, Александар Бортников. На овој потег на ЕУ официјална Москва минатата недела одговори со контрасанкции за претставници на Германија, Франција и Шведска, земјите во чии лаборатории беше потврдено дека дисидентот бил отруен со нервниот агенс од времето на СССР.

Ќе се вратам во Русија

Меѓу првите јавни пораки што Навални ги упати по застанувањето на нозе беше дека планира да се врати во Русија и да продолжи да се бори против Путин, бидејќи, во спротивно, немерата на властите ќе се остварела – да биде тргнат од јавниот и политичкиот живот на Русија, особено пред парламентарните изборти следната година.

-Не враќањето ќе значи дека Путин ја постигна својата цел, изјави тој за Шпигел во своето прво интервју за медиумите по труењето, додавајќи дека „неговата задача е да заздрави што е можно побрзо за да може да се врати “.

Руските власти, од друга страна, потенцираа дека го очекуваат да се врати во земјата. Тоа досега не е сторено.

Правни процедури

Во меѓувреме Врховниот суд на Руската Федерација ја избриша партијата основана од Навални „Русија на иднината“, од листата на политички партии во земјата.

„Судот ги прифати барањата на Министерството за правда на Руската Федерација за ликвидација на политичката партија „Русија на иднината“, кусо соопшти прес-службата на судот.

Официјалното образложение беше дека Министерството за правда уште пред една година одбило да ја регистрира партијата „Русија на иднината“, затоа што истото име веќе го користела друга политичка партија.

Кои се трујачите

Како бомба одекна веста, што самиот Навални ја објави пред десетина дена, дека самиот ги открил имињата и фотографиите на експертите (тимот агенти) за хемиско оружје на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) кои со години го следеле и кои наводно се обиделе и да го отрујат. Не еднаш, туку два пати. Првиот пат во Томск, градот во кој тој имал свои активности, а вториот непосредно пред да го пуштат да замине за Германија, во болницата во Омск.

Според последната верзија, Навални не бил отруен со кафе на аеродромот во Томск, како што првично се претпоставуваше, туку утрината во хотелската соба кога се облекувал. Според една верзија, на облеката имало микроскопски капки отров, вклучувајќи и на неговата долна облека.

Се верува дека руските агенти за безбедност упаднале во хотелската соба на Навални додека тој имал состаноци пред летот. Според рускиот хемичар Владимир Угyров, на трујачите на Навални им било наредено да го стават Новичок на ластикот од неговите гаќи за да може материјата да се појави на неговата кожа.

Резултатите од тестовите извршени во германска лабораторија покажуваат дека Навални е отруен со досега непозната варијанта на „Новичок“, супстанцата што беше употребена против Сергеј Скрипал во Солсбери во март 2018 година.

Дека оваа разузнавачко-политичка сага нема да прекине и во 2021 година е јасно секому, дека Навални од петни жили и натаму ќе се обидува да ја докажува вмешаноста на руската власт во обидот за негова ликвидација, исто така е многу веројатно, но дали сето тоа ќе има некакви изгледи на успех во годината што следи, малкумина веруваат. Зошто? Па не е тешко да се погоди.