Русија и САД за првпат на иста страна во ОН, Македонија остана на „сув мраз“
Резолуцијата за која Македонија стана и коспонзор - на крајот не ја гласаа ни САД. Сите од Западен Балкан беа за резолуцијата на Украина поддржана од ЕУ, освен Македонија

Генералното собрание на ОН ја изгласа резолуцијата на Украина што првично ја поддржа, па ја откажа Македонија, но ја изгласа и таа што ја поднесоа САД и на која Македонија стана коспонзор потоа. На веб страницата на ОН сепак доминираше веста за првата резолуција која беше протолкувана како осуда на руската агресија, усвоена и покрај притисоците од Вашингтон, додека американската претрпе толкава амандманска измена – што на крајот и САД не гласаа за неа.
Со 93 гласови „за“ и само 18 „против“ и 65 воздржани, земјите членки на ОН ја поддржаа резолуцијата предложена од Украина зад која застана целата ЕУ, а која рускиот упад во Украина го нарече „воена агресија“, која дава поддршка на територијалниот интегритет на земјата и бара повлекување на руските војници. Македонија, според гласањето подолу, била воздржана на ова гласање.
САД и Русија гласаа исто – против резолуцијата. Додека Кина и Индија беа воздржани.
Интересно е што Србија, и покрај блиските врски на Александар Вучиќ со најблиските луѓе околу Трамп, гласаше за оваа резолуција на Украина. За неа гласаа и Албанија, Босна и Херцеговина и Црнагора. Само Македонија од Западен балкан беше воздржана.
Практично за прв пат САД ѝ се придружија на Русија во гласањето против резолуцијата на ОН која го поддржува територијалниот интегритет на Украина, заедно со Белорусија, Унгарија, Израел и некои африкански земји.

„Усвојувањето на денешната резолуција на ОН за ран и праведен мир во Украина ја потврдува важноста од почитување на Повелбата на ОН и почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји. Мир во Украина. Во согласност со Повелбата“, напишаа од ЕУ по гласањето.
Подоцна Генералното собрание ја изгласа со речиси ист број гласови резолуцијата на САД, но таа претрпе неколку амандмански измени така што не се смета за победа на САД. Тоа според агенцијата АП означува пораз за администрацијата на Трамп во 193-члената светска организација, чии резолуции не се правно обврзувачки, но се гледаат како барометар на светското мислење. Сепак се покажа и одредена намалена поддршка за Украина, чија резолуција беше усвоена со 93-18, со 65 воздржани. Тоа е пониско од претходните гласови, во кои над 140 земји ја осудија агресијата на Русија.
Гласањето за изменетата резолуција на САД беше 89 за, 8 против и 70 воздржани, при што Украина гласаше „за“, САД беа воздржани а Русија гласаше „против“. Македонија според табелата била воздржана иако беше коспонзор, бидејќи така сменета беше спротивна на американските намери.

САД жестоко се спротивставуваа на усвојувањето на резолуцијата чиј автор е Украина. Според американската амбасадорка во ОН претходните резолуции на ОН кои ги осудуваа дејствијата на Русија и укажуваа на нејзиното кршење на меѓународното право „не успеаја да ја запрат војната“.
„Време е земјите-членки да се вратат на целите и принципите на Повелбата, имено – одржување на меѓународниот мир и безбедност, особено преку мирно решавање на споровите“, додаде таа.