Светниколската конфекција „Мода“ во понеделник ќе ги тестира и останатите работници


Светиниколска „Мода“ се затвара до четврток, оваа одука е донесена утринава информираше првиот човек на компанијата, Ангел Димитров.

Тој за МИА вели дека во понеделник ќе се тестираат и останатите работници, во приватната клиника, со цел резултатите да ги добијат веднаш и да можат наредните денови да планираат кога ќе можат да продолжат со процесот на производство.

-По добивањето на резултатите, втората смена не дојде на работа. Во понеделник ќе се тестираат сите вработени кои не беа опфатени од првиот скрининг. И овој пат ќе се тестираат приватно. Иако сумата што треба да ја платиме не е мала, околу 20.000 евра, сепак резултатите ќе ги добиеме многу побрзо и ќе знаеме дали и кога ќе може да се отпочне со производниот процес, вели Димитров.

Погоните се затворени и на компанијата Кемтекс, која дели иста кујна со Мода. Попладнево инспекторите од државниот и здравствен инспекторат се во вонредна контрола.

Светниколскиот градоначалник, Сашо Велковски вели дека денеска се регистрираат 28 нови случаи во неговата општина, од нив 19 се текстилни работници.

Во моментов на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница се лекуваат 46 пациенти од целиот источен регион, позитивна вест е што денеска е намален бројот на пациенти, кои се на повремена кислородна поддршка.