Светлана Тихановска се сретна со Меркел во Берлин

Белорускиот опозициски лидер Светлана Тихановска во вторникот попладнето во Берлин имаше средба со германската канцеларка Ангела Меркел. Тихановска за време на состанокот истакна дека на протестите во нејзината земја не треба да се гледа како на „борба против Русија или Европа“, напиша таа потоа на услугата за пораки на „Телеграм“.

Во Белорусија со недели траат масовни демонстрации против контроверзниот реизбор на претседателот Александар Лукашенко.

Пред средбата со Меркел, Тихановска изрази надеж дека Германија може да има посредничка улога во решавањето на кризата во нејзината земја. Средбата траеше околу 45 минути, а Тихановска ѝ подари на Меркел црвено-бел чадор. Тие бои често ги користат нејзините приврзаници, кои мавтаат со црвено-бели знамиња.

Изборната победа на Лукашенко не ја признава Европската унија. Таа воведе санкции против врвни личности од неговиот режим. Тихановска тоа го нарече „мала победа“. Тихановска во среда ќе се сретне и со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.