Светлана Тихановска замина во Литванија пред да биде уапсена


Лидерката на опозицијата се соочила со закани од властите и била принудена да ја напушти земјата и да им се приклучи на нејзините деца цо Литванија. Нејзиниот маж, популарен блогер, сѐ уште е во затвор

 

Белоруската опозициска политичарка Светлана Тихановска отпатува за Литванија од Белорусија среде протестите и е безбедна, рече министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус, во објавата на Твитер во вторникот (11 август).

Тихановска беше главен ривал на Александар Лукашенко на претседателските избори во неделата.

Нејзиниот тим не можеше да ја добие по телефон во понеделникот, откако таа ја напушти зградата на изборната комисија. Претходно таа им рече на новинарите дека смета оти победила на изборите, а не на Лукашенко.

Линкевичиус за прв пат твитна во текот на ноќта до вторникот велејќи дека не е познато каде се наоѓаат Тихановска.

Десет часа подоцна, тој објави дека таа сега е „безбедна“ во Литванија.

Медиумите во вторникот вечерта објавија дека Тихановска била задржана во седиштето на Централната изборна комисија, но подоцна ѝ било дозволено да замине и контактирала со нејзиниот штаб на кампањата.

Еден член на нејзиниот изборен штаб рече дека врз Тихановска бил извршен притисок од страна на владата да ја напушти земјата во замена за ослободување на нејзината менаџерка на кампањата, Марија Мороз, која беше задржана од полицијата уште од саботата.

Во видеото објавено во вторникот наутро, видно потресената Тихановска посочи дека се соочила со ултиматум. „Не дај боже да се соочиш со лицето со кое се соочив“, рече таа. „Децата се најважната работа во нашите животи“.

 

Видео порака на Светлана Тихановска од Литванија

Вероника Цепкало, главен сојузник на Тихановска, за „Гардијан“ изјави дека исто така избегала од земјата доцна во понеделникот навечер, откако ѝ било речено дека постои „налог за моето апсење“. Таа се врати во Белорусија еден ден порано од Русија, каде што нејзиниот сопруг, поранешен претседателски кандидат, исто така побегна минатиот месец.

Белоруската полиција се судри со демонстрантите втора вечер во Минск во понеделникот. Еден демонстрант починал, соопшти министерството за внатрешни работи, тврдејќи дека имал намера да фрли експлозивна направа, но таа експлодирала во неговата рака.

Безбедносните служби користеа солзавец и испукале гумени куршуми кон луѓе кои присуствувале на мирни демонстрации, како и приведувајќи голем број демонстранти, според извештаите на независните белоруски медиуми. Забранет беше пристапот до централните плоштади и улици.

Некои рекоа дека решиле да се приклучат на протестите по сцените на вознемирувачко насилство во неделата навечер, кога полицијата ги нападна демонстрантите со гумени куршуми, водени топови, зашеметувачки гранати и палки.

„Никогаш порано не одев на протести и до вчера им реков на сите дека не знам да одам“, рече еден млад демонстрант. „Но, кога видов како ги тепаат луѓето преку улицата од мојата куќа, сфатив дека веќе не можам да седам дома“.

Полицијата безмилосно ги тепаше демонтрантите во понеделникот вечерта (Фото: АП)

„Погледнете што се случува во Белорусија“, рече Цепкало. „Луѓето се борат за своето право да го изберат својот претседател. Неприфатливо е што Лукашенко ја пролева крвта на белорускиот народ и нарачува масовни апсења за тоа. Сите наши вработени се плашат. Сите што беа во јавноста за време на кампањата, сега се во опасност од апсење“.

Протестите во најголем дел се децентрализирани, без јасен водач, иако популарните блогери на социјалните медиуми одиграа важна улога во нивната координација. Демонстрантите кои организираа преку канали како „Телеграм“ разговараа за носење заштитни средства како очила и комплети за прва помош, бидејќи очекуваа нови судири со полицијата.

По судирите во понеделникот вечерта, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, објави твит: „Насилната репресија и апсењата на мирни демонстранти во Белорусија треба да престанат“.

ЕУ соопшти дека ги преиспитува односите со владата на Лукашенко, но досега нема предлог за санкции. „Ова е толку сериозна ситуација, навистина треба длабока дискусија меѓу земјите-членки“, рече портпаролот на Борел.

Постојат стравувања дека Унгарија може да ги блокира санкциите на ЕУ, за кои е потребна едногласност, откако премиерот Виктор Орбан во јуни го повика блокот да ги укине постојните мерки против Белорусија.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека гласањето не е „слободно и фер“ и го осуди „постојаното насилство врз демонстрантите и приведувањето на приврзаниците на опозицијата“.

Настаните внимателно ги набљудува Русија, чиј извоз на нафта минува низ Белорусија кон Запад и кој долго време ја сметаше земјата како тампон зона против НАТО. Нив ги наљудува и Западот, кој се обидува да го одвлече Минск од орбитата на Москва.

Германија ја повика Европската унија да расправа за санкциите за Белорусија, кои беа укинати во 2016 година, за поттикнување на подобри односи. Полска повика на итен самит на Европската унија за ситуацијата во Белорусија.

Министрите за надворешни работи на Литванија, Полска и Украина издадоа заедничка изјава во понеделникот вечерta, во која ги повикуваат белоруските власти да не користат сила против демонстрантите.

„Како министри за надворешни работи на државите во Лублин триаголник, ние сме длабоко загрижени за ескалацијата на ситуацијата во Белорусија по претседателските избори и ги повикуваме властите да се воздржат од употреба на сила и да ги ослободат сите уапсени минатата ноќ“, рекоа тие .

Министрите исто така и понудија да посредуваат во олеснување на дијалогот меѓу власта и опозицијата.

„Убедени сме дека само со дијалог сегашната состојба може да се реши во корист на народот и државата Белорусија“, рекоа тие. (Според агенциите)