Светлан Стоев вети дека ќе ја продолжи политиката на Захариева кон Македонија


Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, денеска при преземањето на функцијата вети дека нема да има никаква промена во политиката на Софија кон Македонија и во наредните неколку месеци ќе ја следи рамковната позиција на неговата земја. „Немаме овластување да ја смениме оваа позиција. Привремениот кабинет и министерот за надворешни работи ќе сторат сѐ за да се продолжи дијалогот“, рече Стоев на прес-конференцијата со неговата претходничка Екатерина Захариева.

Според него, „сè е во рацете на официјалните лица на Македонија. Тие се многу загрижени за бугарската позиција и не треба да шпекулираат дека ќе има каква било промена во следните 2-3 месеци за време на оваа привремена влада“.

Потоа Захариева зборуваше за нејзината „заштита на националните интереси“ и на одреден начин ги претстави насоките за работата на Стоев. Таа нагласи дека Бугарија ја вратила темата на европската перспектива во земјите од Западен Балкан. „Четири години подоцна, нема претседателство што не го става регионотво центарот“, рече таа.

Захариева го повика Скопје да ги почитува договорите со Бугарија. „Постојат шпекулации дека кабинетот ќе ја смени позицијата на Бугарија. Отсекогаш сме биле искрен пријател и се надевам дека ќе бидеме и понатаму. Убедена сум дека Бугарија, повеќе од која било друга земја на ЕУ, сака РСМ да се реформира и да започне преговори. Но, тоа не може да се случи по цена на бугарскиот национален интерес, бидејќи целта на членството е да се направи унијата посилна, а не послаба. Бугарија има многу јасен став на оваа тема, ние не престанавме да бараме решенија. Имаме многу јасен план и услови. Договорите мора да се почитуваат. Условите за почеток на преговорите треба да бидат јасни пред да започнат“, рече Захариева.

Овие зборови на Захариева ги дополни Светлан Стоев, велејќи дека нема да има промена во бугарската надворешна политика, туку дека ќе има континуитет.