Света Богова- Јовановска за „Независен“ : Со Моден Викенд Скопје порасна цела генерација на креативци


Идниот месец ќе дува свеќи од славеничката торта на Моден викенд – Скопје кој одбележува 20. сезона. Таа е ударното и атрактивно лице на престижниот моден настан, веќе десет години. Организаторката Света Богова-Јовановска (38) .

Ќе си посака уште многу успешни години, да е жив и здрав сопругот Жаре, кој ѝ дава исклучителна поддршка, посетени ревии, успешни дизајнери, задоволни гости, публика и спонзори.

Света е тивка, нежна, но решителна со прекрасни идеи за секоја сезона, секогаш во сенка за време на ревиите. По националност Русинка и македонска снаа, мајка на две ќерки, над 20 години е во светот на модата. Пред да се омажи и да се пресели во Скопје, во родната Москва работела во списанија за мода и лајфстајл, организирала модни ревии и била промотор на дизајнери.

Во ексклузивно интервју за „Независен“ Јовановска ги откри плановите за јубилејниот Моден викенд, но и тајните за успешната модна приказна која трае една деценија.

Фото: Александар Ивановски

Славите 10 години од постоењето на Моден викенд –  Скопје. Дали сонот стана реалност?

-Целата екипа е среќна поради оваа симболична бројка. Со Моден викенд – Скопје порасна цела генерација креативци. Меѓутоа, не е време за сумирање на резултатите од минатото. Треба да направиме уште повеќе, сега и во иднина, за да им дадеме можност и на новите генерации дизајнери да бидат забележани. Никогаш не сонував за јубилеи. Тоа е сосема нормално – да постои традиција и луѓето да се горди на достигнувањата. Сепак, она што е најважно во животот е да ја сакате вашата работа.

Дали по 20. сезона може да се пофалите дека станавте регионален бренд?

-Не сум тип на човек што љуби претерано да се фали. За мене беше комплимент кога сите меѓународни гости минатата сезона неочекувано беа изненадени дека и во Македонија има една таква платформа, со врвни професионалци, креативци и продукција. Делата говорат погласно од зборовите. Сите посетители од странство посакаа одново да се вратат во државата, да уживаат во убавините на природата, скопската архитектура и топлите луѓе.

Дали подготвувате нешто специјално или специјални гости за 20. Моден викенд кој ќе се одржи од 1 до 3 ноември во Музејот на Град Скопје?

-Секоја сезона во програмата има специјални гости, сеедно дали се  наши или, пак, имиња од регионот. Сите дизајнери за мене се посебни и уникатни. Горди сме што ќе ја одбележиме десетгодишнината заедно со Музејот на Град Скопје, кој оваа година го слави 70. јубилеј. Настанот ќе ги обедини модата, музиката, уметноста и дизајнот под еден покрив.

Како во изминатава деценија ги избиравте учесниците?

-Постојано имам амбиции на Моден викенд Скопје да го презентираме најдоброто од регионот и пошироко. Се трудам да понудиме интересна програма, како за домашната, така и за странската публика. Во моментот ми е целта да откриеме нови имиња на  сцената, да постои разноликост во дизајнот, како и да експериментираме со начинот на презентациите.

Дали на МВСК му приоѓате како на уметнички или како на комерцијален настан?

-Сето време откако сум продуцент, се обидувам да направам баланс, да биде уметничко-комерцијален настан. Сите овие години постоиме благодарение на нашите покровители, партнери и се разбира, на прво и главно место – нашите дизајнери. Без комерцијалниот сегмент не е реално да изградите платформа. Сведоци сме на мноштво успешни и неуспешни примери во државата. Само мал процент од дизајнерите со кои започна Моден викенд – Скопје, денеска уште функционираат како модни марки. Мора да се мисли и на материјалниот дел, особено кога станува збор за младите и перспективни таленти. Што се однесува до уметноста, таа за мене е убавина и љубов. Што би рекол Достоевски: „Убавината ќе го спаси светот“.

Што е за Вас успешна ревија?

-Колекција! Колекција! Колекција! Не можам да ја изразам целата палета на емоции, кога се во прашање ревиите. Толку идеи и концепти во главата. Се надевам ќе имаме можност за нивна реализација со нашите дизајнери.

Што е она што обичните луѓе, кои стремат кон гламур, не го гледаат, а се случува зад сцената?

-Најдобро е да не знаете. Стрес, болка, неспани ноќи. Дизајнерите знаат најдобро. Ама по сиот тој адреналин, чувството е неверојатно добро.

Што е најтешко, а што најлесно кога организирате Моден викенд?

-Сакам да зборувам единствено за позитивните аспекти. Другото е споредно. Најпријатно ми е кога имам време да се сосредоточам,  без притисок да нафрлувам идеи и концепти. Кога целата екипа има време за креативност и дискусија. Во тие моменти – ништо не е невозможно!

Кој Ви е најубав момент во овие 10 години, а кој не сакате да го паметите?

-Секоја сезона е како училиште за мене, затоа што ме учи на нови нешта. Ги обожавам сите години искуство, најмногу бидејќи работам со прекрасни луѓе и компании.

Вие и приватно ја обожавате македонската мода, а на ревиите, зад сцената или во контакт со гостите,  секогаш носите македонски бренд. Што Ви е најважно при изборот на гардероба за ден и ноќ?

-Омилени ми се македонските и дизајнерите од Косово. И настојувам да имам некое уникатно парче од новите колекции. За мојата гардероба може да направам ретроспектива за последните десет години. Можеби еден ден тоа и ќе го сторам. Кога се работи за дневните варијанти, пресудни се комфорот и материјалот на гардеробата. Да ми биде пријатно на кожата. Кога цело време сте во движење, најважна ви е удобноста. За вечерни пригоди, пак,  мојот избор се црната боја и софистицираните кројки.

Од каде ентузијазмот и енергијата да организирате ваков настан, во време-невреме во Македонија?

-Исклучиво од љубов. Секој човек има мисија.

Вие се поврзавте и со европските модни платформи, ги донесовте европските дизајнери во Македонија и ја имате поддршката од ЕУ. Дали тоа е и во карактерот, дека за Вас не постои невозможна мисија?

-Сѐ е реално и возможно доколку имате цел и се движите кон неа. Меѓутоа, исто така, од особена важност е да сте окружени со истомисленици. Без вистинската екипа, не е реално да направите успешен проект. Постојат луѓе кои функционираат на принципот човек-оркестар, но многу е битно дали сакате да уживате во процесот. За мене е важен и патот и самото стигнување на целта.

Каде ја гледате иднината на Моден викенд – Скопје и кои Ви се натамошните планови?

-Само на регионалниот и меѓународниот пазар. Тоа е иднината. Најверојатно ќе направиме нов концепт на целата платформа на Моден викенд – Скопје.

Која е тајната на Вашиот добар изглед?

-Мене поблизок ми е поимот „стил“. На руските девојки, според мене, повеќе им одговара класиката, генетски подобро ги презентира. Сите ултрамодни новини кои се појавуваат во различните колекции подобро им стојат на Европејките.

Лејла Сабит